|
Кавгата за името и на шишиња вино
|
|||||||||||||||||||||||||||||||
Од дописникот на БиБиСи, Марк Лоуен Во огромните челични резервоари на винаријата „Сковин“, полека созреваат 17 милиони литри црно и бело вино. Винаријата е несоодветнажртва на спорот околу името меѓу Македонија и Грција, долгогодишен спор кој тековно се одвива пред меѓународни судии. Близу до Скопје, главниот град на Македонија, „Сковин“ е еден од најголемите произведувачи и кога ќе биде готово, виното се продава со едноставни етикети „македонско црно“ или „македонско бело“. Неодамна, продажбата опадна во најголемиот европски купувач - Германија. Грција, која има северна покраина наречена Македонија, изврши притисок врз германските увозници да престанат да го земаат виното, тврдејќи дека од 1989 авторски го заштитила терминот „Македонија“. -„Чувствуваме дека тоа се наши имиња ’македонско црно’ и ’македонско бело’, вели Миле Костов, комерцијалниот директор на „Сковин“. -„Горди сме на името, дека сме Македонци. Ако ги изгубиме нашите германски партнери, тоа ќе значи крај за македонскиот вински бизнис.“ За винаријата, ова е првиот вкус на спорот меѓу Македонија и Грција кој траеше речиси 20 години. Древно кралство
Кога Југославија почна да пропаѓа во 1991, најјужната република прогласи независност под името Република Македонија. Грција приговори бидејќи нејзината северна област Македонија некогаш била центар на огромното и моќно древно кралство, па Грците се горди на тоа име. Атина вели дека Република Македонија имплицира територијални аспирации во северна Грција. Обете страни конечно во 1995 постигнаа договор според кој меѓународните институции ќе го користат терминот „Поранешна југословенска република Македонија“ (ФИРОМ). Но земјата си го здржа уставното име Република Македонија, што ја налути Грција. Обидите да се најде заеднички прифатливо решение пропаднаа. На самитот на НАТО во 2008, прашањето одново се разгоре. Скопје очекуваше да добие покана за членство но Грција, како членка на НАТО го попречи потегот, барајќи северниот сосед да си го смени името. НАТО реши дека спорот мора да се реши пред малата балканска земја да биде примена. Скопје беше гневно, велејќи дека Атина го прекршила договорот од 1995 и ја предаде Грција на Меѓународниот суд на правдата во Хаг, кој деновиве ги слуша излагањата од обете страни и ќе донесе решение подоцна. Надежите на Македонија за членство во Европската унија исто така се во задршка. Атина стави вето врз разговорите за пристапување се’ додека не се реши прашањето за името. -„Не сакаме наметнато, со грчки дизајн, решение за името на нашата земја“, вели македонскиот министер за надворешни работи Антонио Милошоски. -„Ќе треба да живееме со тоа име а се работи за достоинството за нашите граѓани. Дојде време Грција да признае дека постоиме, дека сме Македонци, дека имаме длабоки корени на оваа земја и дека Македонците немаат лоши намери или скриени агенди против Грција.“
Што е со грчките тврдења дека Македонија има пошироки територијални аспирации? -„Би можело да биде тема на научно-фантастична книга“, вели тој. „Единствената окупација ја вршат македонски туристи во текот на летото во грчките хотели на прекрасниот егејски брег.“ Но Атина тврди дека Скопје ја прекршило спогодбата од 1995 со тоа што ги охрабрило членките на Обединетите нации да го признаат името Република Македонија и со тоа што ја посвојува хеленистичката култура. Аеродромот во Скопје неодамна беше преименуван „Александа Велики“ а градот наскоро ќе добие огромна статуа на древниот војсководец. Одново напишана историја Македонија вели дека има право да го чествува Александар, бидејќи тој е роден во древна Македонија, но Грција тврди дека нема етнички континуитет меѓу нејзиниот велик лидер и македонските Словени, обвинувајќи го Скопје дека одново ја пишува историјата. -„Политиката на Скопје околу Александар Велики се користи како алатка за национализам и тоа е мошне опасно“, вели грчкиот портпарол од министерството за надворешни работи Григориј Делавекурас. -„Изминативе 18 години ФИРОМ не се помрдна за сантиметар. Грција е подготвена за решение на спорот за Скопје да продолжи со својот процес на приклучување во ЕУ.“ Грчката граница лежи на два часа возење јужно од Скопје а знакот на неа гласи: „Добродојдовте во Грција, добродојдовте во Македонија“.
Уште појужно, стоејќи гордо на брегот во обласната престолнина Солун е статуата на еден човек: Александар Велики. -„Ова е Грција“, вели локалниот жител Пари, покажувајќи кон земјата. -„Никогаш нема да прифатиме да го користат името Македонија, тоа е наше наследство, наши претци, наша историја. Не може да одат во НАТО и не може да одат во ЕУ.“ Што има во едно име? Но со тоа што ја задржуваат осиромашената Македонија да се интегрира во ЕУ, некои веруваат дека спорот му одговара на европскиот блок кој страда од замор за проширувањето. -„Што прави Германија, зошто ја држат устата затворена?“, прашува Лидија Димова, коментатор во Скопје. -„Што прави Франција? Што прави Британија? Можеби ова сосема и’ одговара на ЕУ, бидејќи со овој глупав спор може да го одложиме прашањето за проширување. Само прашање на време е кога луѓето тука ќе ја загубат довербата во ЕУ.“ Па што содржи едно име? За овие две земји, длабоко поврзани со својот идентитет и нивната историја, значи доста. Меѓународната заедница поттикнува на компромис. Но тоа да се најде такво нешто во еден од најнепопустливите европски судири нема да биде лесно. Како и да се нарекува земјата, темелот за овој спор има име: национална гордост. А тоа е тешко да се проголта, од било која страна.
|
||||||||||||||||||||||||||||||||
|
||||||||||||||||||||||||||||||||
|
||||||||||||||||||||||||||||||||