Skip to main contentAccess keys helpA-Z index
BBCMacedonian.com
 
Ревидирано на: 28. Март 2011 - Објавено на 14:29 GMT
 
Испрати имејл на пријател   Верзија за печатење
Кои бевме
 
Редакцијата на БиБиСи на македонски

Од уредничката

Македонската редакција на Светскиот сервис на БиБиСи започна со емитување на своите програми на 8-ми јануари 1996 година.

На 26-ти јануари 2011 година беше донесена одлука да се затвори редакцијата. Последната емисија беше емитувана од студиото во Лондон на 4 март 2011.

И така, заврши емитувањето на македонски јазик на програмите на БиБиСи.

Затворањето на редакцијата е поради финсиските кусења, рече директорот на Светскиот сервис Питер Хорокс, оценувајќи ги програмите на македонски како професионални и мошне успешни. Ова е официјалниот дел.

Сега нешто малку поинаку

Значи, само што почнавме да излегуваме од пубертет, со наполнети 15 години и со зрелост и амбиции за нови достигнувања на интернет и за видео авантури, кога решија да не‘ затворат.

А навистина бевме во нагорна линија.

За кусо време тројно го зголемивме нашето присуство на интернет, а сигурна сум дека го надминавме и постигнувањето од 2008 година кога секој осми Македонец слушаше БиБиСи. Штета...

Зад нас останаа почетоците во 1995 година, кога четворица од Македонија и еден Англичанец, тргнаа во непознато - да ја започнат авантурата наречена Македонска редакција на Светскиот сервис на БиБиСи.

Златко Андреевски, Маја Трајковска, Горан Шумковски и Жанета Скерлев, заедно со Стивен Ашли, - оваа екипа почна со петминутните вести. Од Скопје ја имавме помошта од нашите репортери Атанас Кировски и Билјана Георгиевска. Од неа, до крајот на емитувањето останавме Златко, Билјана и јас...

Не беше лесно, зашто немавме редакција зад себе, требаше да се почне се’ од почеток. Но од друга страна можеби тоа беше и добро, зашто не се угледувавме на тоа како работат „постарите“, туку се обидовме да направиме нешто ново и модерно - куси петминутни вести со многу тонски парчиња и многу динамика.

Сосема различно од стариот, авторитативно монотон стил на Светскиот сервис на БиБиСи со призвуци на времето од пред децении.

Па така, БиБиСи на македонски за кусо време стана урнек за новиот стил вести на Светскиот сервис.

За да ги промовираме новите програмни и новата редакција, организиравме промотивна турнеја - двокатниот црвен британски автобус за две недели ја крстоса цела Македонија, а реакциите беа мошне позитивни.

Весниците во Македонија пишуваа за почетокот на програмите

Низ годините се променија програмите - некои ги проширувавме, вестите дојдоа до 15 минути, а воведовме и емисии како Музички каталог, Европска панорама, Зад насловите, Разгледници од Британија. Други беа скусени, па така имавме и динамични триминутни вести.

Се променија и уредниците, по Стивен Ашли дојде Џонатан Стоунмен, па јас.

Но сето време целта ни беше да го задржиме имиџот на БиБиСи како објективен, непристрасен, избалансиран медиум кој ќе има „додадена вредност„, ќе има нешто што ќе го нема никој друг медиум и ќе не разликува и од странската конкуренција и од домашните медиуми.

И без лажна скромност, а впрочем, зошто да бидам скромна кога е вистина - успевавме во тоа.

Зашто, пред се, ја сфативме важноста на тимската работа.

Еве кој се‘ работеше со нас - Маја Петрушевска, Атанас Кировски, Марија Дивитарова, Благој Шаклевски, Наум Стоилковски, Елеонора Венинова...

За хонорарните соработници и да не зборувам, во 15 годишниот период имавме задоволство и чест да соработуваме со околу 30-на новинари од цела Македонија. Тука беа Сања Васиќ, Боби Христов, Елизабета Филиповска, Љубица Димишковска, Дијана Ристова, Зорица Атанасовска...

И на крај, еве кој беше во последната постава на БиБиСи на македонски: Зоран Стевановски, Билјана Георгиевска, Маја Блажевска, Златко Андреевски и Игор Мицевски во Лондон и Весна Коловска и Душко Арсовски во Скопје. Заедно со нашата долгогодишна секретарка Надица Кировска, која се грижеше скопската канцеларија да функционира „под конец“!

Посебен белег на редакцијата, на програмите и на нашите животи остави нашата драга колешка Валентина Велевска која беше дел од редакцијата речиси 10 години и која почина во 2010 година.

Последната програмска концепција беше следнава: емитувавме 15–минутна програма во 08:30 со наслов „Добро утро со БиБиСи“, триминутни вести во 11:00 и 14:00 часот и попладневни петнаесет-минутни вести во 17:30 и 18:30.

Сите програми одеа во живо од студијата во Лондон и Скопје.

Ништо без партнери

Но, можевме ние да правиме квалитетни програми колку што сакавме, од ова немаше да има ништо без нашите партнери во Македонија. Да не беа тие, можеби ќе одевме на средни бранови, или скраја да е, на куси. Пренесувани преку нивните радио-фреквенции се слушавме - гласно и јасно, на ЕфЕм.

Па така, БиБиСи на македонски се слушаше низ цела Македонија, преку втората програма на Македонското радио - Радио2 и преку мрежата локални радија на МКРТВ. Подоцна и преку радијата членови на нашиот БиБиСи Клуб 10, десеттина најслушани приватни локални радија во земјата.

Партнери на БиБиСи низ годините
Радио Скопје
Радио2
Сити Радио
Радио Браво
Радио Куманово
Радио Прилеп
Радио Мефф
Радио Равел
Радио Голди
Радио Велес
Радио Кавадарци
Галакси Радио
Радио Битола
Радио Делфин
Радио Охрид
Супер радио
Радио Гевгелија
Радио Штип
Радио Струмица
Хит радио
Радио Гостивар
Радио Комета
Радио Тетово
Канал Плус Форте
Радио Дебар

Радио Класик ФМ емитуваше дел од програмата на БиБиСи на англиски јазик навечер, некои вести на англиски, како и сите наши вести на македонски во текот на денот.

По повод затворањето на редакцијата, ги поканивме нашите колеги, партнери, соработници и приврзаници на БиБиСи на мала коктел-забава во Скопје. Да се потсетиме на нашата соработка и да си посакаме пријателството и контактите да продолжат.

А сега нешто малку и за посветеноста и новинарството

Работниот ден отприлика изгледаше вака - се доаѓа на работа, се читаат весниците на интернет, македонските и англиските, се проверува мејлот и потоа кус состанок. Некогаш и нешто подолг.

Утринската смена составена од еден новинар во Лондон и еден новинар во Скопје го вршат „примопредавањето“- што имавме сабајле, во „Добро утро со БиБиСи“, кои беа главните светски вести, кои македонските, што ќе се задржи како тема до попладне...

Потоа нови консултации со колегите во Скопје, консултации со колегите од другите редакции и договор. Кој потоа можеби ќе се промени неколку пати...Но главната идеја секогаш беше - што да имаме од светот што ќе биде интересно, блиско или релевантно за нашите слушатели и што да имаме од Македонија, што ќе нема никој!

И што ќе имаме за на крај, но нешто што ќе измами насмевка на лицата на нашите слушатели!

Не беше секогаш лесно, но да можевте само да ѕирнете некој од нашите состаноци, каде што динамично и темпераментно се договаравме за секој соговорник, секој елемент и секоја минута!

И во нашето мало студио, од каде што на шега велевме дека „и’ се обраќаме на нацијата“!


Јасно ни беше дека ние не сме основен извор на информирање на луѓето во Македонија, па тоа ја правеше нашата работа уште попредизвикувачка - да им понудиме на слушателите информации, факти, анализи, едукација, забава и - музика, зошто да не.

Нашето главно мото беше „БиБиСи ви го носи светот дома“...а тука беа и „БиБиСи - му се верува, дома и во светот“, „БиБиСи ви ги дава фактите, вие заклучете сами“ и „БиБиСи - вашиот прозорец кон светот“.

И според реакциите на слушателите, според партнерите, според неколкуте анкети и според мене, го исполнувавме ветеното.

Работата беше и повеќенасочна - преку нас во другите делови и другите програми на БиБиСи стигнуваа интересни вести и приказни од Македонија. А преку другите програми, и до сите краишта на светот каде што се слуша сигналот на БиБиСи.

Можам слободно да кажам дека сите ние во овие 15 години на БиБиСи на македонски бевме своевидни амбасадори. И за земјата, и за јазикот, и за историјата и за, се надевам, иднината.

БиБиСи сега го употребува терминот Република Македонија, нешто што ми претставува и лично задоволство по годините „борба“ да се убедат сите тука дека земјата треба да се вика онака како што сакаат луѓето. И БиБиСи да го прифати ова како дел од сопствените правила за добро новинарство.

БиБиСи на македонски беше тука кога требаше да се известува и објаснува за бранот бегалци од Косово, за грчко-македонскиот спор со името, за изборите во Македонија, за охридскиот договор, за судењата во Хаг, за загинувањето на претседателот Борис Трајковски...но и за тоа кој беше Тоше Проески, што бараат муслимани и христијани заедно во Македонски Брод, зошто прилепчани тврдат дека се најмајтапчии и како, добога, му се изговара името на Величе Шумуликовски!?!

На свој начин, со многу љубов и професионалност, БиБиСи на македонски го носеше светот дома, во Македонија и носеше дел од Македонија во светот.

Можам да раскажувам и понатаму, зашто има многу интересни детали и случки од нашата 15 годишна приказна. Но, ве оставам да ги слушнете нашите програми, ќе најдете доста на оваа последна интернет страница.

И овде е крајот на програмата на БиБиСи на македонски. Пријатно и наместо дослушање- збогум.

Жанета Скерлев

 
 
НАЈНОВИ ВЕСТИ
 
 
Испрати имејл на пријател   Верзија за печатење
 
 
 
BBC © ^^ Назад на почеток
 
  Архива
 
  BBC News >> | BBC Sport >> | BBC Weather >> | BBC World Service >> | BBC Languages >>