Skip to main contentAccess keys helpA-Z index
BBCMacedonian.com
 
Ревидирано на: 04. Март 2011 - Објавено на 10:19 GMT
 
Испрати имејл на пријател   Верзија за печатење
Како почна БиБиСи на македонски?
 
Новинарите на БиБиСи на македонски

Ендрју Таусиг, поранешен менаџер во Светскиот сервис на БиБиСи, беше еден од луѓето кои пред 16 години ја покренаа идејата за отворање на македонската редакција на БиБиСи.

Тој сега е експерт за медиумски закони и политика во Центарот за социолошко-правни студии на универзитетот Оскфорд.

Еве ги неговите сеќавања за настаните во 1995-та година.

-„Група луѓе во БиБиСи дојдовме на идеја дека е важно нешто да се стори за македонските слушатели. Во контекст на тоа време, кога Југославија се распаѓаше, а сепак постоеше култура фокусирана кон Србија, која 40 години се криеше под името социјалистички централизам. Кога државата пропадна, тој српски централизмот беше неприфатлив за другите - за Словенците, Хрватите, Македонците, Албанците.

БиБиСи: Луѓето и со отворањето и сега со затворањето на македонската редакција, се обидуваат да прочитаат политичка порака од Лондон кон Скопје. Дали на некој начин имавте поттик од политичките кругови?

-„Јас не зборувам во името на владата, туку од мое и од името на колегите во БиБиСи во тоа време. Зборувам за тоа каква беше политиката на БиБиСи, за принципите кои во тоа време беа договорени и со владата - а тоа беше да се даде можност за културно изразување, затоа што за тоа се создадоа услови за разлика од порано. Иницијативата дојде од БиБиСи и тоа со аргументот дека јазикот е тој што овозможува политичко дејствување, но и последица на политичка реалност. Употребата на српско-хрватскиот јазик, кој иако беше мешавина, беше јазикот на Белград или јазикот на Тито, беше многу доминантна. Вие во Македонија знаевте српско-хрватски , но луѓето во Белград не мораа да знаат македонски , па имаше нерамнотежа. Затоа решивме да се повикаме на етиката за културно изразување. Првиот чекор беа вестите на хрватски, без српски гласови, правевме обиди да емитуваме и во Босна, го обновивме емитувањето на албански, затоа што Албанија беше ослободена од Енвер Хоџа. Но албанскиот не се зборуваше само во Албанија, туку и во Косово и во Македонија - па ќе беше многу чудно во Македонија да не се слушаат вестите на БиБиСи на главниот јазик на земјата".

БиБиСи: Но решавањето на еден проблем, ви отвори други. Регираа Бугарите и Грците?

-„Да, Бугарите велеа дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот, затоа што има сличности меѓу нив. Но ние објаснивме дека се работи за политичка реалност, дека БиБиСи емитува на јазикот кој може да го слуша албанското малцинство, па нема да биде фер македонското мнозинство да не може да слуша БиБиСи. Не правевме никакви јазични судови, оценки, околу големо-бугарските идеи или засебноста на македонскиот јазик. Едноставно рековме дека сакаме да комуницираме со нашите слушатели на најпријателскиот можен начин. Овој аргумент, со помош на нашите колеги од бугарскиот сервис, претежна и Бугарите престанаа да се поплакуваат. Но со Грција проблемот беше уште поголем, не само лингвистички туку и политички. Ние рековме дека воопшто не сме заинтересирани за Александар од Македон или за историјата на Македонија, ниту за односите на сегашна Македонија со историската во Грција, дека едноставно сакаме да емитуваме на јазикот на кој луѓето од Македонија можат да го разберат. Главниот јазик, на мнозинството во земјата. Но не ни успеа интелектуално да го одбраниме овој аргумент, па кога ја отворивме редакцијата бев горд што колегите од Бугарската секција дојдоа, но од грчката - не. Ни беше жал поради тоа. Драго ми е да слушнам дека подоцна мразот малку омекнал."

БиБиСи: Нам ни е жал што Македонската редакција се затвора. Дали вие сметате дека таа ја заврши својата работа?

-„Ниту една работа не е завршена до крај. Но верувам дека македонската секција може да биде горда со фактот дека сега има многу поотворена, различна и мултикултурна размена на информации и идеи, во споредба со порано. Не само во земјата туку и на Балканот. Но доколку мора да се донесат тешки одлуки, ако секирата мора да падне, тогаш тоа ќе биде врз оние земји каде што е направен најголем напредок кон подемократско и плуралистичко општество. Ништо не е совршено, но во несовршен свет и јас самиот би донел слични одлуки за сосекување на европските сервиси. Додека многу од нас ќе имаат огромни резереви околу намалувањата во другите регииони, на пример за намалувањата во азиските и африканските сервис, Индија. Јас би бил многу повнимателен. Русија и Кина се во поинаква ситуација, поради големината на слушателите."

БиБиСи: Дали во Македонија беа среќни да потпишат договор со БиБиСи за ре-емитување?

-„Еден од клучните аспекти, покрај принципите за желба да се одговори на културното отворање е цената. Како што е добро познато во меѓународните медиуми, емитувањето на куси бранови е доста скапо, тешко е да се изнајмува време на предавателите, а изворите се недоволни. Ние имавме понуди кога беше почувствувано дека сакаме да започнeме со емитување во Македонија, тоа очигледно беше на некој начин атрактивно за македонските власти и во политичкa и во културнa смислa, затоа што испраќа порака за признавање. Добивме понуда од македонскиот државен медиум да ни даде пристап, но и од некои приватни радија. Тоа беше економски практично, но исто така и политички разумно, затоа што во нашата активност се вклучија медиумски институции во Македонија, државни и приватни, што е на некој начин пријателски начин да им се пријде на луѓето, наместо да се влезе таму со некои претерани опструкции."

БиБиСи: Како реагиравте кога МРТВ ја прекина програма во 2001?

-„Па јасно, не им дадовме преголемо внимание на луѓето кои решија да го ограничат пристапот на БиБиСи, тоа не беше прв пат низ светот. Се случувало на Блискиот iсток, во Шри Ланка и други места. Ние верувавме дека затоа што сме непристрасни, се трудиме да бидеме непристрасни, идејата за непристрасност не е нешто што некој може да ја користи сурово или арогантно, дека всушност особено во време на граѓански конфликт - најважна е точната информација. Не скокавме од радост се разбира кога некоја влада ќе ни го ограничи пристапот, но се’ на се’ на крајот излезе добро. Тоа и нам, на менаџментот во БиБиСи, кои се залагаа за македонскиот сервис, ни олесна."

 
 
НАЈНОВИ ВЕСТИ
 
 
Испрати имејл на пријател   Верзија за печатење
 
 
 
BBC © ^^ Назад на почеток
 
  Архива
 
  BBC News >> | BBC Sport >> | BBC Weather >> | BBC World Service >> | BBC Languages >>