Skip to main contentAccess keys helpA-Z index
BBCMacedonian.com
 
Ревидирано на: 21. Февруари 2011 - Објавено на 08:55 GMT
 
Испрати имејл на пријател   Верзија за печатење
Колку се чува македонскиот јазик?
 
Плакатот на УНЕСКО во 2007
Денеска е Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, прогласен во 1999 од агенцијата на Обединетите нации УНЕСКО.

БиБиСи го искористи поводот да праша колку Македонците се грижат за афирмирање и зачувување на својот мајчин јазик?

Ги прашавме младите „колку и дали во својот пишан или усмен говор го употребуваат литературниот мајчин јазик?"

-„Македонскиот литературен јазик го употребуваме во училиштето, кога одговараме. Во секојдневната комуникација, мислам, малку е употребуван, најчесто го користиме нашиот дијалект или жаргони.“

-„Воопшто не се внимава помеѓу луѓето за користење на македонскиот литературен јазик. Се употребуваат англицизми, турцизми, србизми.“

-„Во зависност од приликата каде се наоѓаме и со кого зборуваме, така го употребуваме литературниот јазик. Латиницата ја користам и на компјутер и на телефон, навикнат сум на латиницата.“

Во налетот на интернетот, информатиката, странската музика, гласилата, денес многу малку се води грижа за афирмирање на мајчин јазик, „дури и во училиштата каде правилната употреба на јазик е неопходна"- велат лингвистите.

-„Факт е дека учениците освен на часот по македонски јазик и литература , се’ повеќе зборуваат разговорно, користат неологизми, жаргонска лексика, дијалект’ - вели професорката Весна Михаиловски.

-„Во писмените работи она што го практикуваат во нивните меѓусебни разговори на facebook, почнуваат да употребуваат скратеници, на пример наместо „Ч" употребуваат „4" итн.“

И професорот по македонски јазик Димитар Стеванџија има забелешки:

-„Македонскиот јазик не се негува во медиумите. Многу малку од политичарите го негуваат. Употребуваат терминологија која не е адекватна на изразот што сака да се искажи.“

Од невладината организација „Младински совет“ во Прилеп, велат дека младите недоволно го негуваат мајчиниот јазик.

Ученици

Нивното неодамнешно истражување говори дека на порталите, форумите, „фејсбук“ - групите, младите комуницираат на латиница, со многу правописни грешки, и често на друг странски јазик, „на бугарски, српски, хрватски, но најчесто на англиски" - вели Борче Бојчески од Младинскиот совет.

-„Не се води сметка за афирмирање на мајчиниот јазик конкретно за македонскиот јазик. Имаме голем наплив на англицизми: „позиционира", „генерира", „рефлектира", „финишира", „далнодира", наместо презема, на социјалните мрежи велат „лајк", наместо да кажеме „ми се допаѓа". Значи, прво нешто што се обидуваме да направиме е: на нашиот форум укажуваме да се користи кирилицата, едноставно да си го негуваме јазикот, макар и едно „здраво" да се напиши.“

Џон Бенен, волонтер од американскиот мировниот корпус во Македонија кој научил да го говори македонски јазик за една година, вели де се обидува да го афирмира и македонскиот јазик и во другите земји, со зборовите „здраво" или "на здравје".

Кога го прашавме колку е тешко да се научи македонскиот јазик. Бенен одговори:

-„Потежок од шпански, полесен од корејски.“

Во светот денес се зборува на околу 6.500 јазици, но на половината од нив, поради нечесто користење им се заканува исчезнување.

 
 
НАЈНОВИ ВЕСТИ
 
 
Испрати имејл на пријател   Верзија за печатење
 
 
 
BBC © ^^ Назад на почеток
 
  Архива
 
  BBC News >> | BBC Sport >> | BBC Weather >> | BBC World Service >> | BBC Languages >>