Skip to main contentAccess keys helpA-Z index
BBCMacedonian.com
 
Ревидирано на: 10. Септември 2010 - Објавено на 10:51 GMT
 
Испрати имејл на пријател   Верзија за печатење
Отворен патот за српско-косовски разговори
 
Србија го прифати компромисниот текст за резолуцијата
Србија го прифати компромисниот текст за резолуцијата
Генералното собрание на ОН едногласно ја усвои резолуцијата со која се бара дијалог меѓу Србија и Косово.

Резолуцијата го отвора патот за директни разговори меѓу двете страни - први откако Косово прогласи независност од Србија во 2008.

Поглед кон иднината

Известувачот на БиБиСи од Белград Марк Лоуен вели дека усвојувањето на резолуцијата во ОН значи оти Србија всушност се откажа од дипломатската битка за Косово.

Иако Белград вели дека никогаш нема да ја признае косовската независност, сега е веројатно дека ќе следат првите директни средби меѓу двете страни.

Српскиот министер за надворешни работи Вук Јеремиќ го заврши говорот во ОН велејќи дека неговата земја „гледа кон иднината“.

Тој ја опиша резолуцијата како „статусно неутрален“ документ.

Но Јеремиќ повтори дека „Србија не ја признала и нема да ја признае еднострано прогласената независност на Косово“.

 Аспирациите за приклучување кон ЕУ претежнаа над оние кои сакаа да се држат до тврдата позиција во политиката кон Косово
 
Иван Вејвода, политички аналитичар

Пред резолуцијата да биде едногласно усвоена имаше одложување, бидејќи Србија приговори на присуството на косовски претставници.

Компромис

Но по компромисот околу спогодбата, сега се има чувство дека ова е почеток на крајот на косовскиот проблем, вели нашиот известувач, бидејќи сите страни се обидуваат да го решат еден од најнескротливите судири во Европа.

Секои преговори меѓу двете страни ќе бидат организирани од ЕУ од Брисел.

И Србија и Косово сакаат да станат членки на Европската Унија.

Меѓународниот суд на правдата минатиот јули пресуди дека косовската независност не значела и кршење на меѓународното право. Резолуцијата на ОН ги прифати наодите на судот.

Српските трупи беа потиснати од Косово во 1999, по бомбардирањето од НАТО, чија цел беше запирање на насилното задушување на востанието на етничките Албанци, кои сочинуваат 90% од двомилионското население.

Заканите омекнаа

Нацрт-резолуцијата, пред измените, која Белград ја поднесе до ОН уште во јули, беше напишана со избувлив јазик кој се закануваше со сериозен судир меѓу Србија и Западот.

Текстот го отфрлаше косовското отцепување, прогласено еднострано и повикуваше на нови разговори околу „преостанатите прашања" - што главно се сфаќаше како расправа за идниот статус на Косово.

Соединетите Држави и уште 22 членки на Европската Унија, кои го имаат признато независно Косово, реагираа бесно, лобирајќи земјите да гласаат против нацрт-резолуцијата и сугерирајќи му на Белград дека неговата апликација за приближување кон ЕУ ќе биде доведена во опасност.

Српската влада се соочи со тешко одржување на рамнотежата: од една страна да ја спречи дипломатската изолација, а од друга - да не ги провоцира националистите во Белград кои и натаму го користат Косово како изборно прашање.

Политичкиот аналитичар Иван Вејвода вели дека веројатно српските надежи за ЕУ преовладале.

- „Аспирациите за приклучување кон ЕУ претежнаа над оние кои сакаа да се држат до тврдата позиција во политиката кон Косово, која беше неспроведлива и не можеше да ги поддржи српските клучни интереси на било кој план. Јас мислам дека ова дефинитивно е признавање на реалноста на теренот", вели Вејвода за БиБиСи.

 
 
НАЈНОВИ ВЕСТИ
 
 
Испрати имејл на пријател   Верзија за печатење
 
 
 
BBC © ^^ Назад на почеток
 
  Архива
 
  BBC News >> | BBC Sport >> | BBC Weather >> | BBC World Service >> | BBC Languages >>