Skip to main contentAccess keys helpA-Z index
BBCMacedonian.com
 
Ревидирано на: 11. Мај 2010 - Објавено на 20:44 GMT
 
Испрати имејл на пријател   Верзија за печатење
Камерон е новиот британски премиер
 
Дејвид Камерон со сопругата Саманта
Камерон зборуваше пред Даунинг стрит 10 со сопругата Саманта
Конзервативниот лидер Дејвид Камерон е нов премиер на Велика Британија, откако Гордон Браун сношти поднесе оставка.

Камерон изјави дека коалицијата што неговата Конзервативна партија ја создаде со Либерал-демократите, може да обезбеди силна и стабилна влада која на Британија и' е потребна во проблематичните времиња.

Лидерот на Либерал-демократите Ник Клег ќе биде заменик-премиер а неговата партија доби и четири министерски места.

Камерон ја нарече соработката со Либерал-демократите вистинска и целосна коалиција, прва во Британија од 1945.

Се дознава дека обете партии направиле извесни отстапки околу парламентот, даноците, имиграцијата и јавните услуги а новиот буџет ќе се појави за најмногу два месеци.

Министер за надворешни работи е Вилијам Хејг а за финансии Џорџ Озборн.

43-годишниот Камерон влезе во „Даунинг стрит 10“, откако претходно беше во Бакингемската палата за формално да го прифати барањето на Кралицата да ја формира новата влада.

Неговата партија освои најмногу места на парламентарните избори минатата седмица, но не и апсолутно мнозинство.

Во говор пред премиерската резиденција, Камерон рече дека тој и водачот на Либерал-демократите Ник Клег „ќе ги тргнат настрана партиските интереси и дека напорно ќе работат за заедничко добро и во национален интерес“.

Тој му оддаде признание на премиерот во заминување Гордон Браун за неговата долгогодишна јавна служба.

Камерон додаде дека ќе се справи со британските проблеми – „дефицитот, социјалните проблеми и реформата на политичкиот систем“.

Камерон истакна дека ќе има „тешки одлуки“, но и дека сака да ги води луѓето низ нив за да се стигне „до подобрите времиња кои претстојат“.

Конзервативците со денови преговараат со Либерал-демократите – кои разговараа и со Лабуристите – по парламентарните избори кои завршија без јасен победник.

Но Либерал-демократите рекоа дека преговорите со Лабуристите пропаднале бидејќи „Лабуристичката партија не ги зела во предвид сериозно изгледите за формирање прогресивна, реформистичка влада“.

Формална спогодба

Портпарол рече дека клучните членови на лабуристичкиот преговарачки тим „дале впечаток дека сакаат процесот да биде неуспешен“ и дека партијата „не се ни обидела“ да се усогласи околу заедничкиот пристап по прашања како што се финансирањето на училиштата и даночната реформа.

„Одделни клучни лабуристички министри беа решени да поткопаат секаква спогодба, сугерирајќи дека Лабуристите нема да испорачаат пропорционална застапеност и дека не се ниту за најскромна изборна реформа,“ рече тој.

Но лабуристичкиот лорд Манделсон за БиБиСи рече дека тие „биле за“ спогодба со Либерал-демократите, но оти тие „кренале толку многу многу бариери, што можеби мислеле дека нивниот интерес е на конзервативната, а не на прогресивната страна“.

 Си ја сакав работата не заради престиж, титулите и церемониите – кои воопшто не ги сакав. Не, си ја сакав работата заради можноста да ја направам земјата што ја сакам по-праведна, по-толерантна, по-еколошка, по-демократска, понапредна и по-добра.
 
Гордон Браун

Откако стана јасно дека преговорите пропаднаа, Браун ја понуди неговата оставка и му посака на идниот премиер се’ најдобро.

Во емотивната објава на оставката пред „Даунинг стрит 10“, Браун му се заблагодари на неговиот персонал, неговата сопруга Сара и нивните деца, кои и' се придружија на брачната двојка на кусиот пат до Бакингемската палата.

Браун рече дека „му било чест да служи“, додавајќи: „Си ја сакав работата не заради престиж, титулите и церемониите – кои воопшто не ги сакав. Не, си ја сакав работата заради можноста да ја направам земјата што ја сакам по-праведна, по-толерантна, по-еколошка, по-демократска, понапредна и по-добра.“

„Моја грешка“

Тој исто така им одаде признание на вооружените трупи, додавајќи: „Никогаш нема да ги заборавам оние кои чесно загинаа и чии семејство денеска тагуваат.“

Подоцна тој им се заблагодари на лабуристичките активисти и пратеници за сите нивни напори, велејќи дека лабуристичкиот настап на парламентарните избори „беше негова и само негова грешка“.

Тимови на Конзервативците и Либерал-демократите денеска преговараа четири часа – четири дена по парламентарните избори кои завршија без јасен победник.

Преговорите продолжија откако Либерал-демократите се сретнаа со лабуристичкиот тим, што следеше по вчерашната објава на Браун дека до септември ќе се повлече од лидерската позиција во Лабуристичката партија.

До попладнево имаше знаци дека двете партии – кои заедно сепак ќе немаа апсолутно мнозинство во Долниот дом – нема да постигнат спогодба.

Неколку високи лабуристички претставници, меѓу кои двајца поранешни министри за внатрешни работи, се заложија против коалицијата со Либерал-демократите, особено доколку цената е понуда на референдум за промена на изборниот систем во пропорционална застапеност.

Откако Браун објави дека ќе се повлече за да види дали Лабуристите ќе можат да се договорат со Либерал-демократите, Конзервативците ја зголемија понудата со ветување за референдум за промена на изборниот систем од постоечкиот, според кој за пратеник е избран кандидатот со најголем број освоени гласови.

 
 
ЛОКАЛНИ ЛИНКОВИ
Браун поднесе оставка
11 Мај, 2010 | Вести
Решавачки прашања
06 Мај, 2010 | Вести
НАЈНОВИ ВЕСТИ
 
 
Испрати имејл на пријател   Верзија за печатење
 
 
 
BBC © ^^ Назад на почеток
 
  Архива
 
  BBC News >> | BBC Sport >> | BBC Weather >> | BBC World Service >> | BBC Languages >>