BBCMacedonian.com

09. Април 2010 - Објавено на 17:24 GMT

Бакиев стравува за сопствениот живот

Избеганиот претседател на Киргистан, Курманбек Бакиев, рече дека стравува оти ќе биде убиен доколку се врати во главниот град Бишкек.

Зборувајќи за БиБиСи во тајно скривалиште во јужниот град Џалалабад, Бакиев рече дека востанието од пред некој ден, во кое загинаа преку 70 луѓе, било добро организирана тајна операција со надворешна вмешаност.

Бакиев сепак одби да каже која странска сила била вмешана.

Во Бишкек, шефот на новата преодна влада Роза Отунбаева, понуди да му гарантира безбедно заминување од земјата ако поднесе оставка.

Претседателот претходно предложи одржување разговори со, како што ја нарече, привремената влада која ја замени неговата администрација, но засега нема одговор.

Советникот на претседателот Обама, Мајкл Мекфол, вели дека доколку се случил државен удар во Киргистан, тој не е анти-американски, ниту пак спонзориран од Русите.

Руски и американски дипломати одржаа разговори со поранешната опозиција која сега ја презеде контролата во земјата.

И Москва и Вашингтон имаат воздушни бази во поранешната советска република.

Главниот град Бишкек е мирен, а прогласен е ден на жалост за убиените во завчерашното насилство.

Најава за избори?

Вчера опозицијата во Киргистан го распушти парламентот и го повика претседателот да даде оставка, еден ден по судирите во главниот град Бишкек, во кои загинаа повеќе од 70 луѓе.

Лидерката на опозицијата Роза Отунбаева, која ја предводи самонаречената преодна влада, вели дека претседателски избори ќе се одржат за шест месеци.

Таа рече дека народот ја презел власта во свои раце.

Претседателот Курманбек Бакиев, кој побегна од престолнината, не навести дека планира да се повлече.

Русија испрати 150 падобранци да ја чуваат воената база близу Бишкек а не се знае дали американската воздухопловна база во Манас работи нормално.

По кражбите од канцелариите и продавниците, вршителот на должност министер за внатрешни работи издаде наредба врз ограбувачите да биде пукано на самото место.

Опозицијата сака апсење на претседателот Курманбек Бакиев.

Времена влада

Еден од опозициските лидери, Роза Отунбаева, за БиБиСи рече дека времената влада ќе работи шест месеци и дека ќе подготви нов устав.

-„Ова е времена влада која ќе работи половина година. Наша задача е да ги средиме работите."

Отунбаева рече и дека се назначени нови министри за одбрана и внатрешни работи.

-„Назначивме министри за позициите од висок приоритет, луѓе кои ги знае целата земја и чиј придонес за револуцијата е апсолутно јасен."

Отунбаева рече дека не ја признаваат власта на Бакиев:

-„Тој го напушти главниот град и немаме контакт со него. Секако дека нашата влада не ја признава неговата власт и од него бараме целосна капитулација.

Насилните протести претходните денови се проширија низ други делови од Киргистан.

На улиците на престолнината Бишкек се слушаа истрели, а полицијатa со солзавец се обиде да разбие стотици демонстранти.

Полициски автомобили беа превртени и запалени, а полицајци нападнати од демонстрантите.

Некои од нив беа вооружени.

Во градовите Нарин и Талас илјадници демонстранти навлегоа во владини згради.

Во меѓувреме, неколку познати личности на опозицијата беа уапсени.

Бес

Демонстрантите беа бесни поради високата цена на енергијата и го обвинуваа претседателот Курманбек Бакиев дека не се бори против корупцијата и непотизмот.

Премиерот пак ги опиша протестите како предавство и рече дека владата нема доволно сили за да го обнови редот и мирот.

Инаку, Киргистан е домаќин на американската воздухопловна база која ги поддржува воените операции во Авганистан.

Руската влада исто така повика на воздржаност од употреба на сила.