Skip to main contentAccess keys helpA-Z index
BBCMacedonian.com
 
Ревидирано на: 05. Април 2010 - Објавено на 07:03 GMT
 
Испрати имејл на пријател   Верзија за печатење
Христијанско-муслимански храм
 
Црква и џамија во Македонски Брод

Во Македонија има објекти во кои на едно место се молат и христијаните и муслиманите.

Малку се знае за едно такво место крај Македонски Брод, а верниците не сакаат на ова да се гледа како туристичка атракција.

Православните христијани ја викаат црква Свети Никола, за муслиманите е познато како „турбе" .

До него водат над 240 камени скалила. Откако ќе се искачат, се влегува во дворот од каде Македонски Брод се гледа како на дланка.

Заедничкиот храм на верниците од две религии е еден скромен објект, но со богата историја.

Икони и муслимански гроб

Влез во храмот е стара дрвена порта со катанец.

Просторот внатре е една соба од 20-тина квадрати на чии ѕидови, едни до други, стојат икони на Свети Илија, Девица Марија и Исус и слики од бектешкиот светец Алија.

На средина е гробот на бектешкиот светец Хадер Баба:

Свети Илија и светецот Алија во иста соба

-„Ние сите потекнуваме од еден створител и затоа пред Бога сите сме исти, без разлика дали некој проповеда муслиманска вероисповед или православен или римо-католик, пред Бога сите сме исти, и божјата милост кон сите е иста."

Отец Марко, кој се грижи за црквата, кажува зошто нема ништо невообичаено две вери да користат ист храм.

Објаснува дека на Ѓурѓовден се собираат и христијаните и муслиманите.

По молитвите седнуваат на заедничка, таканаречена „трпеза на љубовта" и од една чаша се пие ракија, со една вилушка се мези.

Еве што вели за ова Баба Ејуп Ракипи, од Бектешката заедница:

-„Тие се души кои немаат сомничавост кон другата душа, ниту пак се гадат, оти ние сме божји суштества до толкава мера што, во тој поглед нема разделба."

Примерот од Македонски Брод е вистина за Македонија која не се пласира, а е вековна, вели за БиБиСи етнологот Елизабета Конеска, која што подолг период ги проучува заедничките светилишта во земјата.

Објаснува дека вакви објекти има многу:

-„Специфично е што на еден мал простор како Македонија, мали средини како што се Кичево, Брод, Штип, со векови едни покрај други, живеат луѓе и одат во заеднички храмови, нетранспарентно, многу дискретно и тивко, меѓутоа сите го знаат тоа, го почитуваат и се толерираат", вели етнологот Конеска.

Македонски Брод, црква, џамија

Во црквата-турбе во Македонски Брод се случува поп да чита молитва на муслимански верници и се случувале чуда.

Отец Марко се потсети на момче кое било немо, но овде прозборело. Ова секако не е потврдено и од лекари.

Историја

Овој објект датира од 14 век како црква изградена од кралот Урош трети, која била опустошена кога во регионот дошле Турците Османлии.

Но извесен Асан-беј повторно ја обновил во 18 век за да ја тргне клетвата од сарајот кој што преку ден го градел, а ноќе се уривал.

И оттогаш датира приказната за заедничкиот храм што трае.

Верниците одбиваат на неа да се гледа како на туристичка атракција, туку само како вистина за соживотот во мултиетничка Македонија.

 
 
НАЈНОВИ ВЕСТИ
 
 
Испрати имејл на пријател   Верзија за печатење
 
 
 
BBC © ^^ Назад на почеток
 
  Архива
 
  BBC News >> | BBC Sport >> | BBC Weather >> | BBC World Service >> | BBC Languages >>