11. Март 2010 - Објавено на 17:16 GMT
Во Скопје заврши лидерската средба за предлогот за измени на Уставот во делот кој се однесува на составот и функционирањето на Судскиот совет.
На средбата присуствуваа лидерите на влаеачките партии ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, како и опозициските СДСМ и Нова Демократија.
Тие ги разгледуваа уставните измени што ги предлага премиерот Никола Груевски .
Освен зголемување на бројот на судиите во Судскиот совет, се предлага во него веќе да не членува министерот за правда, членовите да се избираат според зајакнати критериуми и да им се намали мандатот што сега изнесува шест години.
Опозициската СДСМ најави дека нема да изнесе свои предлози.
Лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски предупреди дека секоја иницијатива за уставни измени е ризична затоа што ќе поттикне предлози за измени на други делови од Уставот.
Тоа веќе го најави Нова демократија, дека ќе бара албанскиот јазик да стане официјален на целата територија.
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ посочија дека се подготвени да разговараат за секој предлог, но засега фокусот мора да се задржи на изнмените во Судскиот совет за да зајакне независноста и ефикасноста на судскиот систем.
Владите предлози следат по долгогодишните критики од меѓународната заедница за судството во Македонија.
Како најболна точка се посочува партизацијата и неефикасноста на судскиот систем, што е најголема пречка и за другите реформи во државата.