11. Март 2010 - Објавено на 16:09 GMT
Полицијата и демонстрантите во Атина се судрија на неколку места во текот на големите демонстрации против владините мерки за штедење.
Полиција употреби солзавец, а демонстрантите фрлаа камења. Неколку згради се оштетени.
Имаше неколку пресметки меѓу младите со качулки на главите и полицијата.
Анархистите со големи чекани кршеа излози и парчиња од мермените фасади на зградите, кои потоа ги фрлаа врз полицијата.
Солзавец
Во центарот на Атина лебди солзавец, од кој се задушуваат невините минувачи.
Само малкумина демонстрати учествуваа во насилствата.
Најмалку 20 илјади демонстранти маршираа низ центарот на градот, извикувајќи 'не за ново жртвување' и барајќи од владата да ги притисне богатите.
Штрајкот, без сомневање, е најголемиот што земјата го видела од објавувањето на мерките за штедење.
Додека протестите можеби предизвикаа нарушувања во Грција, неколкумина аналитичари веруваат дека тие го немаат посакуваното политичко влијание, бидејќи владата не покажува знаци на разводнување на мерките.
Воздушниот простор на земјата ќе остане затворен 24 часа а траектите останаа во пристаништата.
На исто толку време се затворени и училиштата и болниците, откако двата најголеми синдикати повикаа да се протестира.
Вработените во полицијата, пожарникарските и царинските служби планираат да се вклучат во протестот.
Ова е трет генерален штрајк за еден месец.
Дописникот на БиБиСи од Грција вели дека владата има симпатии за гневот на јавноста околу покачувањето на даноците и намалувањето на платите, но одбива да ги ублажи мерките.
Шефот на здружението на работодавачите ги обвини штрајкувачите дека се обидуваат да ја престорат Грција во случај за милостина.
Дефицит
Грција тековно има буџетски дефицит од 12,7%, или повеќе од четири пати одошто е дозволено со правилата на евро-зоната.
Владата вети дека оваа бројка ќе ја намали на 8,7% годинава, и дека биде смален државниот долг од 300 милијарди евра со тоа што ќе ги намали платите во јавните служби, ќе ја покачи просечната возраст за пензионирање а ќе ги покачи и акцизите.
Штрајковите и насилните демонстрации избувнаа уште минатиот месец кога владата ги објави мерките.