Skip to main contentAccess keys helpA-Z index
BBCMacedonian.com
 
Ревидирано на: 30. Март 2010 - Објавено на 14:35 GMT
 
Испрати имејл на пријател   Верзија за печатење
Успешен научен експеримент во ЦЕРН
 
Симулација за интеракција на честичките
Извици и аплаузи се слушаа во контролната соба во ЦЕРН, Европската организација за нуклеарни истражувања во Швајцарија, откако почна еден од најголемите и најсложени научни експерименти.

Во „Големиот хадронски судрувач“ се врши проток на протони на енергетско ниво кое досега не било достигнато за повторно да се создадат услови слични со оние од создавањето на универзумот.

Млаз од протони се судри при енергија за три и пол пати поголема од досега постигнатите.

Овие 7 трилиони електро-волтни судири сега ќе се проценуваат во 18-24 месеци засилени испитувања.

Научниците се надеваат дека ќе научат повеќе за природата на материјата.

Еден од нив вели дека ова е значаен чекор напред во напорите да се одговорат суштинските прашања за универзумот.

Сепак се предупредува дека податоците собрани од субатомските судири ќе треба добро да се проценат и дека не треба веднаш да се очекуваат резултати.

Експериментот се одвива во кружен тунел долг 27 километри под швајцарско-француската граница а се смета дека хадронскиот акцелератор е еден од најголемите научни експерименти досега.

Очекувањата се дека ќе се откријат претходни невидени феномени во остатоците кои ќе бидат резултат на опитот, а клучна цел е потрагата по долго најавуваната честичка наречена „Хигсов босон“.

Се смета дека таа има темелна улога во структурата на космосот и ќе им помогне на научниците да објаснат зошто материјата има маса, нешто што, на мошне основно ниво, претставува тешкотија да се објасни.

Практична наука

Слика на судир на честички

Професор Брајан Кокс од британскиот универзитет во Манчестер, работи во судрувачот и за БиБиСи вели дека машината може да произведе милиони големи тресоци, кои потоа се фотографираат:

-„Можеме да судриме околу 600 милиони протони секоја секунда. Тоа се мини ’големи тресоци’. Машината е дизајнирана да создаде милиони и милиони од нив секоја секунда. Потоа ги фотографираме и тоа е истражување, тоа е наука."

Maшината речиси веднаш испорачува податоци, вели професор Кокс. Но тој вели дека можеби ќе бидат потребни години за да се одговори на прашањето „што е маса"?

-„Ова е најголемата енергија што некогаш сме ја добиле - некој вид ѕиркање во структурата на универзумот. Значи ќе има некои технички резултати од интерес за физичарите специјализирани за честички. Но за големите наслови, за одговорот на прашањето што е потеклото на масата на универзумот, за тоа ќе ни требаат две или три години."

Професор Кокс за БиБиСи вели дека судрувачот е изграден за да ги прикаже условите кога масата, самата материја, беше формирана:

-„Универзумот почна пред 13,7 милијарди години. Тогаш се рашири и се олади. Во еден момент, за помалку од една милијарда од секундата по почетокот, масата, цврстината ако сакате, се кристализираше од космосот при ладењето. Бидејќи знаеме каде сето тоа се случи, затоа знаеме колку голем требаше да биде Големиот хадронски судрувач и во основа знаеме каков експеримент да изведеме за да го видиме тоа", вели Брајан Кокс од Европската организација за атомски истражувања.

 
 
ЛОКАЛНИ ЛИНКОВИ
НАЈНОВИ ВЕСТИ
 
 
Испрати имејл на пријател   Верзија за печатење
 
 
 
BBC © ^^ Назад на почеток
 
  Архива
 
  BBC News >> | BBC Sport >> | BBC Weather >> | BBC World Service >> | BBC Languages >>