Skip to main contentAccess keys helpA-Z index
BBCMacedonian.com
 
Ревидирано на: 12. Март 2010 - Објавено на 16:35 GMT
 
Испрати имејл на пријател   Верзија за печатење
Се враќаат неуспешните азиланти
 
Додека се чекаат дозволите...
Неуспешен обид за „подобар живот“
Во Македонија и Србија се вратија дел од луѓето кои во Белгија бараа азил, по укинувањето на шенгенските визи за државјаните на двете земји.

Белгиските власти објаснуваат дека ним не им се загрозени политичките право во земјите од каде што доаѓаат.

Известувачот на БиБиСи од Белград Ѓорѓе Влаиќ разговараше со некои од повратниците во Бујановац, на југот од Србија.

Меѓу другите и со петчленото семејство на Агрон Зејнулаху од село Буштрање, крај Бујановац.

По триесетината часови пат со автобус од Брисел, тие конечно можат кусо да се одморат во прилично пространата и релативно модерно опремена куќа на ветеринарскиот техничар Агрон.

Агрон објаснува дека куќата ја изградил татко му, дека тој пред четири години останал без работа, а „белиот шенген" го видел како шанса за подобар живот.

-„Бев таму две седмици. Азил барав, ама не политички. Даваат некои документи, ама не можеш да добиеш стан. Зошто да се кајам? Каде да се вратиш тука? Мора да се живее."

Агрон позајмил илјада евра од еден роднина за патот. Само тој знае како ќе ги врати парите. Во Бујановац владее беспарица и невработеност.

Заедно со неговото семејство, депортирани беа и неколку други од кумановско, во Македонија, кои на автобуската станица во Прешево имаа можност за кус одмор.

Но заморот од долгото и неуспешно патување беше причина и за нервозни реакции кон новинарите.

Една жена сепак, на албански, кусо раскажа што се случило во Белгија:

-„Не знам што да кажам. Добро е овде, добро беше и таму. Постојано не преместуваа од едно на друго место. Се надевавме на подобро. Поминавме и добро и лошо."

Погрешните информации и ветувања дека во Белгија и други европски земји лесно се доаѓа до азил, стан и социјална помош, беа причина за неколку семејства од југот на Србија да тргнат на пат, вели претседателот на општина Бујановац, Шаип Канбери.

-„Во тешка состојба луѓето, се чини, повеќе им веруваат на слатките лаги отколку на горчливата вистина. Ние преку летоци и медиумите се обидовме да објасниме дека визната либерализација не значи и право на работа или политички и економски азил."

Канбери не може да ги разбере ниту белгиските власти:

-„Зошто Белгија им даде надеж на тие луѓе. Зошто им се примени молбите за азил. Тоа потоа зема замав и се создаде фамозна приказна дека во Белгија лесно се добива азил."

Локалните власти се дистанциираат од бранот азиланти и како причина ги наведуваат економските тешкотии и немањето државен план за развој на, како што велат, сиромашниот југ.

Впечаток е дека некои од сегашните азиланти ќе се вратат во Белгија, но и дека сега нема да бараат азил, туку дека ќе бараат работа на црно.

 
 
НАЈНОВИ ВЕСТИ
 
 
Испрати имејл на пријател   Верзија за печатење
 
 
 
BBC Copyright Logo ^^ Назад на почеток
 
  Архива
 
  BBC News >> | BBC Sport >> | BBC Weather >> | BBC World Service >> | BBC Languages >>