Skip to main contentAccess keys helpA-Z index
BBCMacedonian.com
 
Ревидирано на: 08. Март 2010 - Објавено на 13:36 GMT
 
Испрати имејл на пријател   Верзија за печатење
Суперсила- Плус и минус за интернет мрежата
 
Пребарувачот „Гугл“
Повеќе позитивни, и по некое лошо искуство: вака изгледа можноста да се биде дел од интернет мрежа во очите на дел од македонските граѓани.

Преку страниците за дружење се раѓаат љубови, блогерите ја празнат својата енергија со објавување на сопствените ставови, има и измамници кои профтираат од наивните посетители.

Неколку животни искуства на македонски корисници на интернет, пренесува Душко Арсовски.

Еден човек редовно го објавува својот став за да можат и другите да го читаат.

Вели дека тоа е психолошка потреба на човек да биде слушнат.

Неговото блогерско име е „баждарџија“ и за БиБиСи зборува колку интернетот му го сменил животот.

Од „блогерски“ аспект, користењето на интернет е исто како што е потребно на такситот да има автомобил. На одреден начин овозможува да станеш и „инстант“-позната личност.

Овој „блогер“ признава дека со користењето на социјалните мрежи за дружење како „Фејсбук“, „Мајспејс“ и „Твитер“, свесно ја изложил сопствената приватност.

Вели дека не се плаши од негативни последици и сака да зборува за интернетот како цивилизациска придобивка.

Не може да биде зла или не зла. Оној што ја користи може да биде зол или добар.

Корисник на интернет со лоши намери, минатата година на една девојка од Кавадарци и ја направи пеколна.

Новинарката Светлана Дарудова која го објави случајот вели дека некои луѓе несвесно наседнуваат на неморалните игри на новостекнатите пријатели на мрежите за дружење.

Кажуваше кога на интернет видела клип со нејзиното разголено тело и веднаш и станало јасно дека нејзиниот „шеик од Дубаи“ бил само лажго и измамник, се потсетува за БиБиСи, новинарката на весникот „Дневник“.

Блогери

Случајот нема разврска. Поради скандалот, девојката има нарушена психичка состојба и немала сила да го бара измамникот.

Штипјанката Лидија Николова вели дека има само убави искуства од веб страниците за дружење.

Преку „Хајфајв“ се запознала со момче од Грција и по кусо време почнале да се посетуваат:

-„Кафето се претвори во ручек, ручекот во вечера и почна да останува овде... и веќе со истото момче сум две години. Интернетот е се’ уште дел од нашата љубовна врска бидејќи кога немаме можност, се гледаме на ’Скајп’ и се чуствуваме како да сме многу блиску.“

Освен за стекнување и за одржување на пријателства мрежите како „Фејсбук“ се супербрза алатка за добивање информации.

Колку е корисно, проверувам веднаш.

Само што испратив порака до еден пријател на „Фејсбук“ и го прашав колку интернетот го смета за супер сила. Веќе ми одговори.

Вели дека животот му се сменил за 360 степени. Во секое време, каде и да сум на земјината топка, имам контакт со најблиските, а на мрежата наоѓам одговори на сите прашања што ќе ми паднат на памет.

Или како што вели „блогерот“ од почеток на прилогот:

„’Гугл’ гледа се’, а поради тоа што и господ гледа се, значи ’Гугл’ или интернетот се Бог.“

 
 
ЛОКАЛНИ ЛИНКОВИ
НАЈНОВИ ВЕСТИ
 
 
Испрати имејл на пријател   Верзија за печатење
 
 
 
BBC Copyright Logo ^^ Назад на почеток
 
  Архива
 
  BBC News >> | BBC Sport >> | BBC Weather >> | BBC World Service >> | BBC Languages >>