BBCMacedonian.com

09. Февруари 2010 - Објавено на 18:33 GMT

Тимошенко ќе се жали на гласањето во Украина

Од Украина се јавува дека премиерката Јулија Тимошенко ќе побара преиспитување на исходот од неделните претседателски избори, за кои службено се вели дека тесно ги добил лидерот на опозицијата Виктор Јанукович.

Приврзаниците на Тимошенко рекоа дека таа никогаш нема да го признае гласањето како законско, и ќе бара да се изврши пребројување на некои гласачки места.

Вчера, меѓународните посматрачи го пофалија начинот на кој течеа изборите и ги повикаа украинските лидери да ја почитуваат вољата на народот.

Со повеќе од 98% изброени гласови, Јанукович имаше водство од 2,7% пред неговата соперничка, премиерот Јулија Тимошенко.

Јанукович ја повика Тимошенко да го признае поразот, но таа одбива и се очекува да ги оспори резултатите.

Меѓународните набљудувачи го опишаа гласањето како „имресивен приказ на демократски избори“.

„Овие избори се победа за сите во Украина“, се вели во соопштението на меѓународните набљудувачи предводени од Организацијата за безбедност и соработка во Европа, јави новинската агенција Ројтерс.

„Сега е време за политичките водачи на земјата да го слушаат гласот на народот и да обезбедат мирен и конструктивен трансфер на власта.“

Известувачот на БиБиСи од Киев Ричард Галпин, вели дека поволната оценка од изборната комисија и меѓународните набљудувачи ќе и отежнат на Тимошенка да ги предизвика резултатите.

Таа ја одложи прес конференцијата околу резултатите до утре.

Резултатите навестуваат враќање на Јанукович откако беше поразен во „портокаловата револуција" во 2004.

Се очeкува дека во мандатот на 59-годишниот поранешен механичар, украинската надворешна политика ќе се сврти кон Москва.

„Полн круг“

Дописникот на БиБиСи од Киев јавува дека победа за Јанукович би била обвинување за неуспехот на прозападната „портокалова" револуција, чии лидери не успеаја да ги исполнат ветувањата и кои многу луѓе ги оставија без илузии.

„Политиката во Украина заврти полн круг", вели нашиот дописник Ричард Галпин.

Јанукович беше претседателски кандидат на последните избори во 2004, за кои се утврди дека биле наместени во негова полза.

Јулија Тимошенко потоа страсно ги водеше уличните протести кои го симнаа од власт и заедно со Виктор Јушченко ја доведоа на власт и ја направија меѓународно славна личност.

Но премиерот, некогаш остар критичар на руската вмешаност во Украина, има блиски врски со нејзиниот поранешен руски колега, Владимир Путин, кој на последната средба со неа рече дека таа е некој со кој тој „би соработувал“.

Сегашниот претседател Виктор Јушченко загуби уште во минатомесечниот прв круг од изборите.

Со изброени повеќе од 95% гласови, според украинската изборна комисија во предност е Јанукович со околу 48,3% од гласовите, пред Тимошенко која има околу 46,1%.

Но изборните претставници велат дека не е веројатно водството на Јанукович да се намали, бидејќи се’ уште се очекуваат резултати од неговите упоришта Крим и Луганск.

Но предноста во секој случај ќе биде потесна од онаа на која се надеваше Јанукович.

Тој веќе им честита на поддржувачите, велејќи дека тој ќе ги оствари промените за кои земјата копнее.

Опозицискиот водач наводно рекол оти е време неговиот соперник да се повлече.

„Мислам дека Јулија Тимошенко треба да се подготви за оставка. Таа го сфаќа тоа“, го цитираше агенцијата „Интерфакс-Украина“.

„Во секој случај, верувам дека тоа треба да и се сугерира.“

Но Тимошенко, на 49 години, не навестува повлекување.

Таа на прес конференција рече дека нејзиниот тим спроведува „паралелно броење“, барајќи од нив „да се борат за секој резултат, секој документ, секој глас“, извести новинската агенција „Ројтерс“.

Остра кампања

Јанукович доби најмногу гласови во првиот круг од изборите минатиот месец, завршувајќи со 10 процентни поени пред Тимошенко.

Таа се закани дека ќе ги изведе симпатизерите на улица доколу биде поразена, велејќи дека протестите ќе бидат поголеми од „портокаловата револуција“.

Вчерашното гласање следеше по остратата кампања во која се чини дека беа заборавени вистинските политички прашања, вели нашиот известувач.

Во саботата, политичкиот блок на Тимошенко ја обвини партијата на Јанукович „Партија на регионите“ за блокада на нејзините поддржувачи да го надгледуваат гласањето во источниот регион Донецк.

Кампот на Јанукович возврати со обвинувања дека некои поддржувачи на премиерот сплеткареле со гласачките ливчиња во обид да се отфрлат гласовите од источна Украина.

Претседателот Јушченко, кој беше петти по минатомесечниот прв круг, ја предводеше предизборната серија лични напади врз поранешниот сојузни Тимошенко.

Неговите службени односи со премиерот во изминативе пет години беа затруени со караници, додека Украина беше опфатена од економска криза со 15% пад на БНД минатата година.