BBCMacedonian.com
Aлбански
Српски
Турски
 
Ревидирано на: 05. Ноември 2009 - Објавено на 17:50 GMT
 
Испрати имејл на пријател   Верзија за печатење
„Македонија да ги искористи можностите“
 
Европски парламент
Гласање во Европскиот парламент
Македонскиот министер за надворешни работи Aнтонио Милошоски денеска изјави дека иницијативата на посредникот во грчко-македонскиот спор Мeтју Нимиц за одржување нова средба на преговарачите во седмицата од 16 ноември, е навремена.

Но, тој додаде дека грчко македонскиот спор за името не е лесно решлив.

-„Не би сакале премногу да ги креваме очекувањата. Сметаме дека ние можеме да го дадеме нашиот придонес, но сепак треба да бидеме реалистични, да сватиме дека ова е еден сложен спор и сметам дека треба добра волја од двете страни за да може работата да се придвижи напред“, рече Милошоски.

Средбата предложена од Нимиц треба да биде прва меѓу Скопје и Атина по смената на власта во Грција каде сега владее левичарската партија ПАСОК на Јоргос Папандреу.

Европски став

БиБиСи разговараше со известувачот за Македонија во Европскиот парламент Зоран Талер.

Тој препораката за почеток на преговорите со Европската унија, која Комисија ја даде неодамна ја нарекува „прозорец на можноста", која што треба да се искористи.

Па какво е, според него, расположението во Македонија околу решавањето на повеќегодишниот спор меѓу Скопје и Атина?

Талер: -„Мој впечаток е дека политичкиот врв во Македонија е се’ уште во фаза на одлучување, дали нешто да се направи или пак да не се направи околу проблемот со името кој го отвори Грција. Знаеме дека Комисијата препорача да се почнат преговорите со Македонија, но за тоа треба да одлучи советот на Европската Унија каде треба консензус од 27-те земји членки. Грција како и секогаш стави до знаење дека бара да се реши овој проблем. Така што јас лично, како и повеќето од моите колеги во парламентот и Европската унија, се надевам дека прозорот на можностите кој сите го гледаме, ќе биде искористен."

Референдум

БиБиСи: Во самата Македонија има несогласувања околу можноста за одржување референдум, во случај да биде постигнат договор. Што мислите вие за оваа можност?

Талер: -„Јас не гледам клучен проблем околу дилемата дали да се одржи референдум или не. Мислам дека клучната работа е во одлуката на најодговорните луѓе, меѓу кои најодговорен е премиерот - дали навистина нешто ќе се сработи или ќе се остави да се чека. Дали потоа ќе има референдум или не, не е толку битно, битно е политичките актери да имаат јасен став кон реферндумот и кон она за што ќе се заложат. Очигледно на пролет ќе се забревта машинеријата на ЕУ за преговорите со Исланд и ќе биде повеќе од добро Македонија да биде вклучена во тој мини пакет. Ако овој воз помине, убеден сум дека приликата нема да се повтори наскоро - за половина година или за година, туку се плашам дека Македонија ќе треба да ја чека следната композиција: две-три години или повеќе, значи ќе треба да чека на држави како Црна Гора, Србија, Албанија. Тука сега е големата шанса. Јас лично најмногу верувам во директни преговори (за името) за да се искористи оваа нова ситуација во Атина да се дојде до што подобри директни комуникации помеѓу двајцата премиери и да се искористат следниве неколку недели. Понекогаш е подобро да нема многу време - вакви непопуларни одлуки е полесно да се усвојат ако времето е ограничено."

БиБиСи: Како може да се помогне во целата ситуација?

Талер: -„Правам се' за да помогнам околу решавањето, ама повеќе од тоа не можам да направам. Ако оддговорните политичари ја сфатат важност ќе има поместување, но битна е комуникацијата да се дефинираат ставовите. Тука мислам дека дојде до поместување на грчките ставови да се обезбеди некое решение да се излезе од овој спор. Грција има намера и да игра поактивна улога на Западниот Балкан за на некој начин да го спонзорира влезот на тие земји во Унијата и има интерес да ги нормализира своите односи со сите кандидати."

Попуштање

БиБиСи: Очекувате ли попуштање од официјално Скопје околу овој проблем?

Талер: -„Апсолутно Скопје нема да попушти во се', но ако се најде разумен компромис околу самото име на земјата мислам дека има шанси. Но ако се бара да се разговара за се' - тоа ќе остане на следните неколку генерации. Така и во Атина и во Скопје треба да се оди со ограничени амбиции. Да се реши најитното, а останатаото да се остави на историчарите кои се покомпетентни за тоа. Политичарите нека се занимаваат со сегашноста и иднината", вели Зоран Талер, известувач на Европскиот парламент за Македонија.

 
 
НАЈНОВИ ВЕСТИ
 
 
Испрати имејл на пријател   Верзија за печатење
 
 
  За нас | Пишете ни
 
 
BBC Copyright Logo ^^ Назад на почеток
 
  Вести | Македонски печат | Британски печат | Учете англиски | Време
 
  BBC News >> | BBC Sport >> | BBC Weather >> | BBC World Service >> | BBC Languages >>
 
  Помош | Пишете ни | Приватност