Skip to main contentAccess keys helpA-Z index
BBCMacedonian.com
 
Ревидирано на: 09. Јуни 2009 - Објавено на 07:15 GMT
 
Испрати имејл на пријател   Верзија за печатење
„Грешат и Македонија и Грција“
 
Професорот Виктор Фридман
„Грешки се прават од двете страни на границата“
Рики Ван Бошотен и Виктор Фридман се универзитетски професори добро запознати со грчко-македонскиот спор околу името.

Ван Бошотен ги изучува грчкиот јазик и култура, додека Фридман е славист.

Тие сметаат дека властите во Грција и во Македонија прават грешки додека траат преговорите за името.

Ван Бошотен и Фридман минатата недела го промовираа грчко- македонскиот речник во Атина, настан кој беше проследен и со инцидент.

-„Чисто политичка работа, која нема да се реши уште долго време", се речиси едногласни двајцата интелектуалци од САД и од Холандија, зборувајќи за спорот околу името меѓу Грција и Македонија.

Рики Ван Бошотен е хеленист, професорка на универзитетот на Тесалија во грчкиот град Волос.

Таа смета дека проблемот на теренот е решен зашто луѓето комуницираат меѓу себе и има многу грчки компании во Македонија.

-„Но политичарите од обете страни на границата мислат дека не можат да направат отстапка за ова прашање. Само кога ќе се развие една поширока концепција во двете земји, тогаш можеби ќе дојде некоја нова генерација политичари и можеби тие ќе сторат нешто. Но, за тоа ќе треба многу време", вели Ван Бошотен.

Познатиот славист и професор на универзитетот во Чикаго, Виктор Фридман, вели дека грешки прават и двете влади. Македонската со таканаречениот „букефализам“.

-„Антиквизацијата - тоа е грешка. Ама тоа од научна гледна точка. На крајот на краиштата не е релевантно, јас дури би рекол дека Букефал е тројански коњ за Македонија - тоа е грчка игра", вели Фридман.

Тој смета дека товарот сепак го има посилната Грција како членка на НАТО и на ЕУ.

-„Одговорноста е кај оној што ја има власта. Вистинска демократија е кога луѓето коишто имаат власт ги штитат тие што немаат власт. Сега Грците прават наопаку и тоа многу отворено. Значи ако Грција е лулката на демократијата, лулката овде е скршена."

Инаку, Ван Бошотен и Фридман беа меѓу промоторите на грчко- македонскиот речник минатата недела Атина.

Настанот беше во прекин десетина минути, откако припадници на ултра-националистичката партија „Златна зора“ упаднаа на промоцијата.

Тие се закануваа и ги навредуваа насобраните интелектуалци и борци за човекови права, меѓу кои и неколкумина Грци.

 
 
НАЈНОВИ ВЕСТИ
 
 
Испрати имејл на пријател   Верзија за печатење
 
 
 
BBC © ^^ Назад на почеток
 
  Архива
 
  BBC News >> | BBC Sport >> | BBC Weather >> | BBC World Service >> | BBC Languages >>