Skip to main contentAccess keys helpA-Z index
BBCMacedonian.com
 
Ревидирано на: 14. Април 2009 - Објавено на 07:14 GMT
 
Испрати имејл на пријател   Верзија за печатење
„Тоа е разумен компромис, сфатете!“
 
Ѓорге Иванов со Али Ахмети
Ахмети му беше првиот политички соговорник на Иванов, по изборната победа
Избраниот претседател на Македонија, Ѓорге Иванов вчера се сретна со Али Ахмети, водачот на Демократската унија за интеграција, помалата членка во владината коалиција.

Тие разговараа за спорот со Грција околу името. Иванов ја повтори определбата за разумен компромис, одбивајќи да прецизира што значи тоа.

-„Тоа е разумен компромис, не можам да ви објаснувам. Сфатете го. Веројатно треба да знаете за што станува збор во преговорите. Јас не можам да ви објаснувам сега. Видете, не зборуваме за промена на името, ве молам проучете го проблемот со преговорите што ги водиме со Република Грција и тогаш ќе можам да ви одговарам на прашањата“, рече Иванов.

Али Ахмети пак зборуваше за солидарност.

-„Македонија е интерес и на Албанците. Се солидаризираме со нашите сограѓани. Заинтересирани сме ова прашање да се реши во севкупен интерес на сите граѓани на Република Македонија", рече Ахмети.

БиБиСи разговараше со Ибрахим Мехмети, колумнист во весникот Дневник и најпрвин го праша дали средбата значи обид за внатрешен консезус пред евентуално конечното решавање на проблемот.

-„Се разбира дека внатрешниот консензус е исто толку важен колку и консензусот односно договорот со Грција, затоа што сепак тоа е прашање кое се однесува на сите граѓани, без разлика кој колку е директно засегнат од ова прашање. И едно претходно договарање меѓу претседателот и главните политички партии мислам дека е неопходно за подоцна да немаме проблеми околу тоа решение."

БиБиСи: Дали средбата може да се толкува како обид на Иванов да воспостави поцврсти врски со етничките Албанци, откако значаен дел од нив не гласаа на вториот круг од претседателските избори?

-„Не верувам дека со една средба со еден политички лидер може да се надополни легитимитетот кој што му е потребен на еден претседател како претставник на сите граѓани. Мислам дека претседателот Иванов испушти шанса да се приближи до гласачиет Албанци. Од друга страна сепак е подобро, ако се обидува макар и преку политичките лидери, да се приближи до албанските гласачи, на тој начин да формира, креира еден поширок консензус околу сите прашања што се од негова надлежност."

Сепак, средбата на Иванов со лидерот на ДУИ на неколку дена по изборите се толкува и како поместување на неговите ставови кои ги искажуваше пред кандидатурата за претседател.

Дополнителен аргумент за тоа е и најавата дека во кабинетот на претседателот ќе има советници Албанци.

 
 
НАЈНОВИ ВЕСТИ
 
 
Испрати имејл на пријател   Верзија за печатење
 
 
 
BBC © ^^ Назад на почеток
 
  Архива
 
  BBC News >> | BBC Sport >> | BBC Weather >> | BBC World Service >> | BBC Languages >>