Skip to main contentAccess keys helpA-Z index
BBCMacedonian.com
 
Ревидирано на: 13. Април 2009 - Објавено на 14:03 GMT
 
Испрати имејл на пријател   Верзија за печатење
Расте суеверието во Британија
 
Половина луѓе веруваат во духови
Половина од луѓето во Британија веруваат во духови
Едно ново истражување покажува дека мнозинството луѓе во Британија веруваат во рај и живот после смртта.

Во истражувањето учествувале 2060 луѓе, а 50% од нив одговориле дека веруваат во „рајот“, додека 53% дека веруваат во живот после смртта.

70% испитаници рекле дека веруваат во човечката душа.

Студијата е спроведена во периодот меѓу октомври и ноември минатата година, за тинк-танк групацијата за теологија „Теос“.

Студијата покажува и дека речиси 40% од луѓето веруваат во духови, а помалку од една третина - во реинкарнација.

Слично испитување било направено и пред педесет години, но бројките на луѓето кои веруваат во духовите сега е прилично зголемена.

Ѕвезди и тарот!

Новото истрaжување нуди пресек на ставовите на луѓето за духовите и паранормалното.

Последното слично истрaжување беше извршено од компанијата „Галуп" во 50-те години кога само една десетина од испитаниците веруваа во духови.

Повеќе од половина век подоцна, бројката се зголеми речиси четирикратно, а слично е и со верувањето во астрологија и хороскопи.

Во 50-те години речиси 5% сметале дека предвидувањето на иднината со тарот-карти навистина е можно, но во последниот половина век оваа бројка е двојно поголема.

Пол Вули е директор на „Теос", институтот што ја порача студијата:

-„Бројките се зголемени во секоја категорија, без оглед дали се работи за верување во духови, тарот-карти или астрологија. Во исто време, бројот на верници во црквите е намален“, вели Вули.

Општествени промени

Тој и неговите колеги веруваат дека овие промени се должат на пошироките општествени и културни промени во британското општество.

Според истражувачите, во оптимистичката повоена Британија постоела голема доверба во науката и технолошкиот напредок.

Но сега, авторите на студијата заклучуваат дека Британија е попесимистична за науката и рационалната мисла одошто во средината на 20 век.

Дополнување на ова е бранот доселеници кои дојдоа во земјата од земји каде суеверието или паранормалните појави играат истакната улога.

Можеби тоа ќе помогне за да се објасни зошто има се' поголемо интересирање за спиритуалноста вон главните религии во Велика Британија.

 
 
НАЈНОВИ ВЕСТИ
 
 
Испрати имејл на пријател   Верзија за печатење
 
 
 
BBC © ^^ Назад на почеток
 
  Архива
 
  BBC News >> | BBC Sport >> | BBC Weather >> | BBC World Service >> | BBC Languages >>