Skip to main contentAccess keys helpA-Z index
BBCMacedonian.com
 
Ревидирано на: 17. Март 2009 - Објавено на 15:48 GMT
 
Испрати имејл на пријател   Верзија за печатење
Македонија: претседателски и општински избори 2009
 
Државна изборна комисија
Државна изборна комисија
Во Македонија, в недела на 5 април се гласа во вториот круг од претседателските и локални избори.

Од вкупно седум кандидати, во финалето на трката за претседател на државата останаа двајца, Ѓорѓе Иванов - кандидат на владејачката ВМРО-ДПМНЕ и Љубомир Фрчкоски, кандидат на опозицискиот СДСМ, кои што освоија најмногу гласови на 22 март.

Кандидатот кој ќе добие просто мнозинство во вториот круг ќе биде прогласен за победник, доколку на изборите излегле најмалку 40% од гласачите.

За општинските избори, од 85 локални единици, во 33 гласањето заврши во првиот круг.

Се гласа во 44 општини каде што се’ уште не е избрана локалната власт, а во 8 единици ќе се повтори гласањето на оние избирачки места каде се констатирани неправилности.

Според Државната изборна комисија излезеноста на првиот круг беше над 57% од регистрираните гласачи.

Првиот круг од гласањето помина главно мирно, но многумина меѓународни претставници нагласија дека сега тоа го очекуваат и од вториот круг.

Изборите главно се сметаат за тест на демократските капацитети на државата и претставуваат еден од главните критериуми за почетокот на преговорите за членство во Европската унија.

Надлежности на претседателот

Според Уставот, претседателот ќе служи мандат од 5 години и може да биде реизбран само еднаш.

Нема потпретседател, бидејќи функциите обично поврзувани со позицијата ги презема претседателот на Собранието, во случај на смрт или спреченост на претседателот.

Шефот на државата е главниот претставник на државата во меѓународната заедница, и е главен командант на вооружените сили. Тој има одредено влијание - може да ги враќа законите во Собранието за прегласување и да одобрува амбасадорски назначувања.

Но, владата е одговорна за секојдневното раководство со државата и за оформувањето на домашната и надворешната политика во соработка со Собранието.

Спикерот на Собранието свикува претседателски избори, кои мораат да се одржат во периодот од последните 60 дена од мандатот на тогашниот претседател. Ако шефот на државата отстапи од позицијата или умре, избори мора да се одржат во рок од 40 дена по неговото заминување.

Изборни механизми

Државната изборна комисија ги објавува имињата на кандидатите кои ги исполниле сите важечки барања не подоцна од 20 дена пред датумот на изборите.

Изборната кампања формално започнува на тој ден и завршува 24 часа пред отворањето на гласачките места. Изборните кампањи не се дозволени во последниот ден пред гласањето.

Политичките партии номинираа 7 кандидати за претседател и 370 кандидати за градоначалник.

Во Македонија, 1,792,082 регистрирани гласачи ќе ги дадат своите гласови на скоро 3,000 гласачки места поделени во 34 гласачки единици. Гласачките места ќе се отворат во 7 часот наутро и се затвораат во 19 часот.

За броењето на гласовите задолжени се изборните комисии кои вклучуваат претставници од сите засегнати политички партии, според веб страната на Државната изборна комисија.

Избори во Македонија
Избори во Македонија

Останатите услови кои кандидатите мора да ги исполнат за да можат да се кандидираат вклучуваат: тие мора да се граѓани на Македонија, да имаат најмалку 40 години, и да живееле во Македонија најмалку 10 од изминатите 15 години.

За да се кандидира за претседател кандидатот мора да покаже висока јавна поддршка преку собирањето на потписи од 10.000 гласачи или најмалку 30 пратеници, според изборникот законик објавен од Државната изборна комисија.

Општински правила

Во првиот круг од гласањето, што се одржа на 22 март, македонските гласачи се изјаснуваа и за градоначалници и советници во 85 локални единици.

Некаде трката е завршена, но во дел од општините решавачко ќе биде изјаснувањето во вториот круг.

Локалните избори се одржуваат еднаш на секои 4 години. Според изборниот закон, секој македонски граѓанин на возраст од 18 години може да се кандидира за градоначалник или советник во областа каде живее.

Доколку градоначалникот даде оставка или умре, избори за пополнување на позицијата мора да се одржат во рок од 70 дена од неговото заминување.

Сите избори се организирани од Државната изборна комисија, нејзините општински изборни комисии и комисиите во гласачките места. Државните изборни комисии се состојат од претседател, потпретседател и 5 членови кои се избрани од Собранието со две третини од гласовите на сите парламентарци. Членовите на Комисијата мора да се дипломирани правници и да имаат најмалку 8 години искуство со избори и изборно право.

Набљудување на гласањето

Четвртите претседателски и петтите локални избори во Република Македонија ги следат досега најголем број домашни и странски набљудувачи.

Од македонските 7 илјади набљудувачи, најмногу се од Граѓанското здружение МОСТ, додека од странските, Државната изборна комисија акредитираше над 500 набљудувачи, од кои 300 на ОБСЕ/ОДИХР.

Првиот круг претставниците на меѓународната заедница и набљудувачките мисии го оценија како фер и демократски, со мали недостатоци, особено во делот на изборниот список.

Европскиот комесар за проширување Оли Рен по првичната оценка на првиот круг рече дека изборите во Македонија поминале во согласност со меѓународните стандарди и изрази уверување дека во таков фер и демократски амбиент ќе помине и вториот круг на гласање.

Европската комисија и високите западни претставници ја предупредија Македонија дека одржувањето на фер и демократски избори е важен услов за започнувањето на преговори со Европската унија.

Претседателски избори, главни кандидати

Ѓорѓе Иванов беше номиниран од владејачката ВМРО-ДПМНЕ и во првиот круг освои 35,04% од гласовите.

Иванов се ангажира во политиката рано во неговиот живот и беше член на лидерството на Сојузот на младите социјалисти на Југославија во времето на распадот на Федерацијата. Иако тој еднаш беше левичар, сега силно ја поддржува политиката на конзервативната ВМРО-ДПМНЕ.

Според весникот „Време", партијата на повеќе наврати нагласуваше дека Иванов не бил член и не бил вклучен во нејзините активности. Самиот кандидат го потврди тоа кога изјави дека ќе ги поддржува погледите на независните луѓе и интелектуалци.

Но, според извештај на „Утрински Весник“, кој обично ја поддржува опозициската Социјалдемократска партија, Иванов го одбивал Охридскиот рамковен договор, кој му стави крај на етничкиот конфликт во 2001 помеѓу етничките Албанци и македонската влада.

Исто така познат е и по неговиот став во однос на спорот со името. Истиот извештај цитира етнички албански професор, кој Иванов го нарекува „политички клон“ на премиерот Никола Груевски и предвидува дека тој ќе ја зголеми авторитарната власт на Груевски.

Иванов е професор на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, на Правниот факултет и раководи со Македонската канцеларија за акредитација на високо образование, позиција на која беше назначен во 2008.

Тој е роден во Валандово во 1960 а дипломираше на отсекот политички науки на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 1994, а потоа заврши докторски студии по право на истиот факултет.

Љубомир Фрчкоски, кандидатот на СДСМ е рангиран како втор со освоени 20,54% гласови во првиот круг.

Фрчкоски ја фокусираше неговата изборна кампања во напорите да ја извади Македонија од како што тој ја нарекува, меѓународна изолација, преку разрешувањето на спорот со името со Грција и да го забрза влезот на земјата во НАТО и ЕУ.

Гласачко место
Гласачко место

Поголемиот дел од својот живот тој го помина на државниот универзитет „Св. Кирил и Методиј“, на Правниот факултет, каде што се вработи во 1984. Додека продолжува со својата академска кариера, тој исто така е познат по неговите колумни во весникот „Дневник“, каде коментира политички и социјални прашања. Во неговите колумни тој цврсто се спротивставуваше на сегашната владина политика.

Фрчкоски беше клучна фигура во периодот на македонското осамостојување, служејќи како министер без ресор од 1990-1992, а потоа како министер за внатрешни работи од 1992-1996, и министер за надворешни работи од 1996-1997. Тој исто така беше советник по уставни прашања и човекови права на трагично загинатиот претседател Борис Трајковски од 2000-2004. Тоа му овозможи да игра активна улога за време на етничкиот судир од 2001, според македонскиот Форум за слобода на говорот.

Фрчкоски е роден во Скопје на 2 декември 1957. Диломираше на Правниот факултет при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и се стекна со докторат по политички науки од универзитетот „Едвард Кардељ“ во Љубљана, Словенија. Тој зборува англиски, српско-хрватски и бугарски јазик.

Општински избори

Според Меѓународниот републикански институт, кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ би можеле да имаат корист од одличниот рејтинг на премиерот Никола Груевски кој во моментов е 56% проценти. Само 35% од испитаните имаа позитивен став кон претседателот Бранко Црвенковски, кој треба да се врати како лидер на СДСМ.

Гласање
Гласање

Главни политички партии кои учествуваат на локалните избори

ВМРО-ДПМНЕ, која беше формирана во 1990, на својата веб-страна партијата се опишува како „Христијанско демократска, народна и конзервативна партија". Таа тврди дека е заслужна за надворешната политика која довела до стратешко партнерство со Соединетите држави и напредокот во однос на ЕУ и НАТО. Партијата ветува дека ќе ги сочува традициите на македонскиот народ, ќе ги подобри етничките односи и ќе постигне етничка хармонија, како и дека промовира пазарна економија и да привлече надворешни инвестиции.

Партијата се гордее со победата на парламентарните избори во 1998, 2006 и 2008 како и на претседателските избори во 1999, кога номинираниот Борис Трајковски беше избран за шеф на државата. ВМРО-ДПМНЕ е предводена од премиерот Никола Груевски.

СДСМ се опишува како левичарска, партија на работничката класа и е наследник на Сојузот на Комунистите на Македонија. Беше формирана брзо после македонското прогласување на независност во 1991 и е член на Социјалистичката интернационала и придружен член на Партијата на европски социјалисти. Партија се залага за одбрана на Македонскиот национален идентитет, за влез на Македонија во ЕУ и НАТО, и за здравство и образование достапни за сите.

Претседателот во заминување Црвенковски најави дека ќе се кандидира за претседател на партијата кога неговиот мандат ќе истече во март.

СДСМ победи на парламентарните избори во 1994 и 2002 и на претседателските избори во 1994 и 2004.

ДУИ беше формирана во јуни 2002 од членови на ОНА, групацијата која го предводеше етничко-албанскиот револт во 2001. Партијата освои 70% од албанските гласови и се приклучи во коалиција со СДСМ во 2002, по парламентарните избори. Според Државната изборна комисија, ДУИ повторно го доби мнозинството албански гласови во 2006, но сепак остана во опозиција кога ВМРО-ДПМНЕ одлучи да оформи коалиција со ДПА. Во 2008, ДУИ доби 18 пратенички места во 120 - членото собрание и беше повикана да се приклучи во владата на ВМРО-ДПМНЕ.

ДУИ се залага за промоција на етничка толеранција, мулти-етнички соживот и еднаквост помеѓу заедниците. Нејзини главни задачи се интеграцијата на Македонија во ЕУ и НАТО и реформите на македонската економија, одбрана и здравство и образование. ДУИ е предводена од поранешниот лидер на ОНА Али Ахмети.

ДПА беше формирана во 1997 по спојувањето на Партијата за албански просперитет, ПДП и Народната демократска партија, НДП. Партијата учествуваше во владите на ВМРО во 1998-2002 и 2006-2008, но остана во опозиција по парламентарните избори во 2008. Како свои приоритети ДПА ги посочува заштитата на интересите на етничките Албанци, вклучувајќи го нивното право за употреба на албанскиот јазик, и развојот на македонскиот демократски систем. ДПА исто така ја поддржува интеграцијата на Македонија во НАТО и ЕУ. Мендух Тачи е сегашниот лидер на ДПА.

Резултати од поранешни избори

Претседателски избори 2004

===Прв круг, 14 февруари:

Гласале-935,372 од 1,695,103 регистрирани гласачи или 55,18%

Невалидни гласачки ливчиња 27,971

Добиени гласови по партија:

Бранко Црвенковски-коалиција предводена од СДСМ-385,347

Сашко Кедев коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ-309,132

Г’зим Острени ДУИ-134,208

Зиди Џелили-ДПА-78,714

===Втор круг, 28 февруари:

Гласале-912,605 од 1,695,103 регистрирани гласачи или 53,84%

Невалидни гласачки ливчиња-29,812

Гласови на кандидатите:

Бранко Црвенковски-коалиција предводена од СДСМ - 553,552

Сашко Кедев, коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ- 329,271

Локални избори 2005

Број на градоначалници од партии:

Коалиција предводена од СДСМ- 37 203,718

Коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ - 21 139,338

ДУИ - 14 113,883

Независни - 7 129, 837

ВМРО-НП 3 7,791

ДПА-ПДП 2 20, 920

СПМ 1 3, 167

 
 
ЛОКАЛНИ ЛИНКОВИ
НАЈНОВИ ВЕСТИ
 
 
Испрати имејл на пријател   Верзија за печатење
 
 
 
BBC © ^^ Назад на почеток
 
  Архива
 
  BBC News >> | BBC Sport >> | BBC Weather >> | BBC World Service >> | BBC Languages >>