|
Божиќ во Македонија
|
|||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||
Во Македонија, православните верници денеска го слават Божиќ а вчера и сношти, за Бадник, се палеа огнови.
Денеска е мирно, како што велат граѓаните, Божиќ се празнува во топла, домашна атмосфера со најблиското семејство и покрај богата трпеза, ни потврдија неколку верници покрај Соборната црква во Скопје. Во јавноста сепак не изостануваат различните коментари околу начинот на празнување на Божиќ - колку тоа ги почитува верските обичаи, а колку е условно речено, вулгаризирање на религијата. Во Скопје се палеа огнови и во пресрет на Божиќ, но и пред Бадник. Ги имаше буквално на секое ќоше. Некои од македонските владици ги критикуваа овие собирања, велејќи дека претерувањето, особено со алкохол и масна храна се дел од 'големото незнаење и атеизам' во Македонија. На таа тема го прашавме протоерејот Стојко Ристоски, свештеник од Соборниот храм „Свети Климент Охридски" во Скопје колку огновите се дел од христијанската традиција? -„Не би бил Божиќ ако го нема Коледе и Бадник вечер. Собирањето по маала е пригода луѓето од малото да се соберат на заедничка, посна трпеза и покрај коледарскиот оган кој нема ништо во себе паганско, затоа што и во молитвата на осветувањето на посната трпеза и на бадниковата гранка е прасликата на едемското дрво од рајот. Дали треба коледарски огнови, Бадник или не знам што од некои луѓе од Црквата излегуваат - нека им биде поука пораката на дедо Михаил: ’Чеда мои, подобро село да изгори отколку обичај да изгасне’."
Теологот Александар Ивановски пак смета дека за време на празниците има преголема еуфорија и оти тоа треба да се пресели во црквите: -„Еуфоријата е преголема затоа што всушност вистинската еуфоријата треба да се случи на литургијата на самиот празник на Христовото раѓање. Значи малку се изместува од контекст сето ова, ама Црквата наоѓа начини да не го одбие народот па затоа не е толку строга во апелите да ги забранува овие нешта, меѓутоа не смее да заборавиме дека ова се периоди на воздржание, на пост, значи кога ќе се премине во претерување со алкохол и заборавање на смислата зошто го празнуваме и Бадник и Божиќ, тогаш може да кажеме дека сме погрешиле пред Црквата, т.е. пред Бога", вели Ивановски. |
||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||
|
||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||
|
||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||