Skip to main contentAccess keys helpA-Z index
BBCMacedonian.com
 
Ревидирано на: 05. Јануари 2009 - Објавено на 17:57 GMT
 
Испрати имејл на пријател   Верзија за печатење
Македонија со нормален дотек
 
Гасификација во Македонија, архива
Гасификација во Македонија, архива
Во Македонија, држава во регионот со најмала потрошувачка на природниот гас од руската компанија „Газпром", нема намалена испорака, но состојбата се следи.

Македонската компанија „Гама" задолжена за пренос на природниот гас од Русија, тврди дека ја следи состојбата предизвикана по недоразбирањата меѓу Русија и Укранија, низ која што поминуваат главните гасоводи кон Европа.

Директорот на „Гама“, Ратко Манов, за БиБиСи вели дека според мерењата на станицата на македонско-бугарската граница засега нема проблеми со дотекот:

-„Па може да падне притисокот или да најават намалени количини но тоа нема да го наруши дотурот на природниот гас до крајните потрошувачи кај нас, бидејќи сме во постојан контакт со диспечерскиот центар во Софија."

Според измерените кубни метри гас Македонија е најмалиот потрошувач во регионот.

Само дваесетина компании, главно во Скопје, го користат овој енергенс а најголема од нив е скопска „Топлификација“, чиј директор Димитар Хаџимишев вели:

-„Македонија би имала последна проблем, бидејќи е многу мал потрошувач и не се исплати редукција, па или има или нема гас. Согласно договорите кои што сите ги имаме потпишани за снабдување, ’Газпром’ никаде не гарантира сигурна испорака а и препорачува да се има алтернативно гориво."

Сепак, и доколку се појават проблеми во испораките, постојат резерви доволни за неколку дена, велат од „Гама“.

Гасоводот во Македонија е така организиран што и при пад на доставата или притисокот, има доволно време компаниите да се преориентираат на друг ресурс, велат од таму.

Македонија од година на година ја зголемува потрошувачката на овој енергенс заради неговата цена во споредба со другите ресурси.

Но и покрај тоа се искористуваат само 10% од капацитетите, вели професорот Константин Димитров:

-„На природниот гас треба да се приклучат и сите домаќинства и институции, па искористувањето на мрежата за довод ќе има и економска оправданост, ќе се намали увозот на електричната енергија, а на буџетите дома или во компаниите ќе се намалат трошоците барем за 30%."

Покрај економската исплатливост за домаќинствата, гасификацијата може да придонесе и кон намалување на трговскиот дефицит на Македонија во која доминира увозот на скапа електрична енергија, вели професорот Димитров, и додава дека споровите како овој меѓу Русија и Украина не треба да ги плашат компаниите и домаќинствата, бидејќи обично не можат да траат долго.

 
 
НАЈНОВИ ВЕСТИ
 
 
Испрати имејл на пријател   Верзија за печатење
 
 
 
BBC © ^^ Назад на почеток
 
  Архива
 
  BBC News >> | BBC Sport >> | BBC Weather >> | BBC World Service >> | BBC Languages >>