Skip to main contentAccess keys helpA-Z index
BBCMacedonian.com
 
Ревидирано на: 05. Јануари 2009 - Објавено на 17:26 GMT
 
Испрати имејл на пријател   Верзија за печатење
Забуни околу рускиот гас во Европа
 
Украински гасовод низ кој тече руски гас...
Украински гасовод низ кој тече руски гас и за Европа
Рускиот премиер Владимир Путин и' нареди на државната енергетска компанија „Газпром" да ги намали испораките за Европа преку Украина за она количество за кое што вели дека Киев го украл.

Директорот на фирмата изјави дека кусокот од 65 милиони кубни метри ќе се надомести преку други гасоводи.

Европската унија претходно соопшти дека нема значително намалување на испораките, и покрај тоа што некои земји како Грција, Бугарија и Чешка јавија за намален дотек.

Европските амбасадори денеска ја разгледуваат состојбата.

Русија е во спор околу цените на гасот со Украина, преку која се поставени гасоводите за Европа.

Европска зависност?

Но колку Европа е навистина зависна од рускиот гас?

Ситуацијата изгледа прилично конфузна.

Портпарол на Европската комисија за БиБиСи изјави дека снабдувањето ширум Унијата е нормално, но сепак романската компанија за пренос на гас денеска повтори дека количеството руски гас кон Романија е се' уште под планираното.

Хрватска, каде што 40% од потрошувачката се задоволува со руски гас, исто така јави намален дотур за околу 7,5%.

Владите на соседните Србија и Босна најавија мерки на претпазливост и велат дека очекуваат спорот да продолжи. Унгарија, Словачка, Грција и Бугарија - сите јавуваат за помали проблеми со снабдувањето.

Кога станува збор за зависноста од руски гас, сликата ширум Европа е различна.

Разлики во процентите

Во Финска се троши 100% руски гас, но како први соседи, таму гасот доаѓа директно од руските гасоводи и нема ризик за спорови со транзитни земји.

Бугарија исто така целосно зависи од руски гас, но таму ситацијата е посложена, бидејќи гасот патува преку Украина и Романија - пред да стигне до бугарските потрошувачи.

Во Полска 45% од гасот доаѓа од Русија, во Германија - 43%, а во Австрија дури 63%, а доаѓа преку Украина и Белорусија.

Во последните години, транспортот преку Белорусија поретко е попречуван, во споредба со украинскиот.

На Запад - постабилно

Земјите на западните краишта од континетот се во постабилна ситуација. Тие или користат соспствени резерви, или главно се свртени кон наоѓалиштата во Северното море. Во Холандија на пример само 6% од гасот што се троши - доаѓа од Русија, а во Британија уште помалку.

Украина, гасовод
Украина, гасовод

Спорот околу гасот меѓу Украина и Русија не е воопшто нов и оди до почетокот на 90-тите години кога уривањето на Советскиот сојуз ја растури единствената енергетска дистрибутивна мрежа.

Во последните години тој се исполитизира, а сега доби и меѓународни димензии, откако Европската унија изрази загриженост дека руската политика се служи со енергијата како со средство во надворешната и стратегиска политика.

Константин Косачев, шефот на Комисијата за надворешни работи на рускиот парламент, денеска се чини се потсети на ова, па на руската телевизија изјави дека „руската идеална цел е да го поседува целиот транспортен систем за гас".

Фактот дека Белорусија ги продаде своите гасоводи, рече тој, значи дека е „постигнат договор". Но во случајот со Украина, како што истакна тој, Киев „намерно ја злоупотребува својата позиција" како земја низ која транзитира гасот - со цел „постојано да ја намалува цената" вели Косачев.

 
 
НАЈНОВИ ВЕСТИ
 
 
Испрати имејл на пријател   Верзија за печатење
 
 
 
BBC © ^^ Назад на почеток
 
  Архива
 
  BBC News >> | BBC Sport >> | BBC Weather >> | BBC World Service >> | BBC Languages >>