|
Предизвиците за Македонија
|
|||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||
Еден од предизвиците со кои се соочува Македонија на почетокот од 2009 е справувањето со економската криза.
Но другиот предизвик секако не е нов - натамошното приближување кон Европската унија и НАТО, во услови на блокади од Грција поради спорот со името. Па кои се изгледите за успех? Поголем дел од експертите сметаат дека 2009-та нема да донесе ништо ново ниту на политички, ниту на економски план. Прогнозираат дека ќе биде тоа година на неизвесност, исто толку голема каква што беше и во 2008, особено околу добивањето покана за членство во НАТО и исчекувањето датум за почеток на преговори за членство во Европската унија: -„2009-та ќе биде уште една година на исчекување за граѓаните дали Македонија ќе влезе во НАТО и дали ќе добие датум за преговори од ЕУ. Барем во првата половина на 2009 година, тоа нема да се случи" - вели Ветон Љатифи, политички аналиичар и професор на Тетовскиот универзитет. Но, министерот за надворешни работи Антонио Милошоски е оптимист: -„Приоритетите остануваат неизменети, а тоа се добивање датум за почнување на претпристапните преговори со ЕУ, задржување на нивото на исполнети критериуми во однос на НАТО и визната либерализација." Последните анкети покажуваат дека паѓа расположението на луѓето во Македонија за членство на земјата во Унијата. Жидас Даскаловски од Центарот за истражување и креирање политики вели дека во 2009-та побитно ќе биде дали земјата ќе се ослободи од визниот режим отколку брзината на евро-интеграциите: -„Ако визната либерализација се одложи, се забави или не се спроведе како што очекува Македонија, Владата уште помалку ќе има мотивација да работи во полза на евро-атлантскиот процес, така што можно е дополнително да се забават реформите и сите законски мерки што треба да се усогласат со европските" - оценува Даскаловски. Сашо Ордановски од невладината група „Транспарентност-Македонија" очекува тешка година: -„Најголем предизвик за Македонија ќе биде економијата, споено со предизвикот да не стане комплетно тоталитарна држава во политичка смисла. Лично, сметам дека Владата ќе има огромни тешкотии да ја исплива 2009-та." Македонија ја дочекува 2009 година без решение на спорот со Грција околу името. Но, никој во земјата и не се надева во брзо затварање на проблемот, па анализите, главно се сведуваат на економската криза и исполнување на европските реформи. |
||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||
|
||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||
|
||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||