BBCMacedonian.com
Aлбански
Српски
Турски
 
Ревидирано на: 25. Декември 2008 - Објавено на 10:50 GMT
 
Испрати имејл на пријател   Верзија за печатење
Божик во католичката црква во Скопје
 
Скопската католичка црква „Пресвето срце Исусово“ (Photo:MIA)
Католичките верници во Македонија при годинешното чествување на Божиќ за прв пат уживаат во звукот на оргулите.

Земјата беше единствена во Европа без овој инструмент.

За неговата набавка беа потребни 230 илјади евра за што помогнаа македонската, хрватската влада но и верниците.

Bожиќната атмосфера во катедралата „Пресвето срце Исусово" во Скопје беше збогатена со шесттонскиот инструмент, оргулите, кој уште го нарекуваат и „кралица на инструментите".

Тој е подарок за католичките верници, 25 години од изградбата на Католичката црква „Пресвето срце Исусово" во Скопје каде свештеник е Анте Циримотиќ:

-„Единствена земја во Европа која што немаше оргули тоа беше Македонија, за жал. Јас имам слушнато во Германија една поговорка која што вели - до каде стигнале звуците на оргулите до тука стигнала европската култура. Се вика дека оргулите се кралица на инструментите ама Бах е крал на оргулите, така што да се слуша на оргулите Бах е најпријатно чувство што може човек да го доживее", вели отец Циримотиќ.

Така, Католичката катедрала прераснува во едно ново концертно место во Скопје.

Оргулите, пак, во можност за музичко креирање, за развивање на уметноста и духовниот живот, вели Петар Јаки, од иницијативниот одбор за набавка на овој инструмент:

-„Еве свечено, прекрасно, чудесно. Успеавме да стасаат тие оргули за кои се боревме цели две години. Се воодушевувам и сметам дека тоа ќе биде зачеток на една нова музичка култура и ќе разбуди креативни можности кај млади деца не само да свират туку и да креираат музика", вели Петар Јаки.

Верниците уживаат во новата атмосфера која ја прават оргулите. Љубица Ѓекиќ кажува како се подготвува за празниците:

Поканетите за прв пат ги слушнаа и оргулите (Photo:MIA)

-„Палиме Бадник, донесуваме гранчиња, ставаме париче, гравче посно во тањир, портокали, оревчиња, костенчиња, даваме на дечиња. Чекаме, ќе дојде комшија, чекаме од се’ срце. Ќе дојде - невикан ќе дојде, знае дека ми е Божиќ, ќе ти честита, прво празник, што имаш ќе дадеш... пача со ракииче", вели Ѓекиќ.

Во црквата е и Драган Ивиќ кој констатира: „празник без трпеза не е празник“.

-„Се’ што треба готвиме, одиме во црква, ставаме на маса, за своите луѓе, овошје, јаболки, крушки, гравче се јаде таа вечер, се’ посно. На божиќната трпеза - се’ што имаме, месо, печење, се ставаме", вели Драган Ивиќ.

Божиќ е неработен ден на католиците во Македонија, ден кога се пречекуваат гости. Отец Циримотиќ ги благословува верниците:

-„Да им бидат среќни и благословени тие празници да доживеат божја благодет и помош и во нивните секојдневни потреби ама уште повеќе во нивните духовни потреби."

 
 
ЛОКАЛНИ ЛИНКОВИ
Прослави на Божик во светот
25 Декември, 2008 | Вести
По патеките на Марија и Јосиф
15 Декември, 2008 | Вести
НАЈНОВИ ВЕСТИ
 
 
Испрати имејл на пријател   Верзија за печатење
 
 
  За нас | Пишете ни
 
 
BBC Copyright Logo ^^ Назад на почеток
 
  Вести | Македонски печат | Британски печат | Учете англиски | Време
 
  BBC News >> | BBC Sport >> | BBC Weather >> | BBC World Service >> | BBC Languages >>
 
  Помош | Пишете ни | Приватност