BBCMacedonian.com
Aлбански
Српски
Турски
 
Ревидирано на: 24. Декември 2008 - Објавено на 10:38 GMT
 
Испрати имејл на пријател   Верзија за печатење
Наркозависници - многу, решенија - малку!
 
Расфрлена дрога и лекови
Проблемот е големиот број зависници и недостигот на терапија
Во Македонија нема доволно центри за лекување на наркозависниците.

Иако во Скопје има потреба од четири вакви центри, во моментов работи само еден.

Зависниците се принудени метадонската терапија да ја бараат во центрите во соседните градови, а често и да посегнат по криминални активности, за да купат дрога.

Во центарот на Скопје, млад човек продава пиратски дискови со филмови и музика.

Освен за преживување, тој секојдневно се бори и со својата зависност од дрогата.

Наркозависник е неколку години, неколку пати се обидел да се вклучи во програмата за одвикнување, но, вели дека е многу тешко да се дојде до метадонска терапија:

-„Ниту еден лекар не пропишува метадон во Скопје, сите се плашат."

Точната бројка на наркозависници во Македонија не се знае, но се претпоставува дека има повеќе од 30 илјади.

Над половината од зависниците се од Скопје, а за нив постои само еден центар за рехабилитација во општината „Кисела Вода".

Преполн со пациенти, до терапија тешко се стигнува, вели нашиот соговорник:

-„Кисела Вода не прима пациенти, што да правиш, се' сам на своја рака" вели тој.

Д-р Лилјана Игњатова е раководителка на овој Центар:

-„Постојано има прилив од затворите, таму има голем број на зависници и голем број на лица кои се на метадон, фактички листата на чекање не функционира скоро, единствен центар е во градот, капацитетите се тие, не можеме да одговориме и големиот број пациенти се реперкуира на полош квалитет", вели д-р Лилјана Игњатова, раководителка на Центарот за зависници Кисела Вода.

Влатко Деков, извршен директор на Невладината ХОПС прашува зошто се’ уште не се отворени трите центри за лекување зависници во Скопје - предвидени со глобалниот фонд за борба против ХИВ-СИДА:

-„Министерството за здравство, Владата на Република Македонија, за нив ова прашање не е од висок приоритет, а ситуацијата од ден на ден станува се’ позагрижувачка. Имаме ситуации кога луѓето се препраќаат во други градови за лекување или некои од нив, кои што немаат доволно средства се принудени да прават некои криминални дејства, само за да дојдат до пари за да купат дрога", вели Деков.

Министерот за здравство, Бујар Османи ги објаснува причините зошто има недостиг на центри за метадонска терапија во целата држава, особено во Скопје:

-„Точно е дека во средствата на глобалниот фонд ние имаме подготвено и локации и средства за да се отворат овие центри кои што сметам дека се битни. Во моментов имаме проблеми со локалните граѓани, но и од општините кои не прифаќаат вакви центри во нивната средина", вели министерот за здравство Бујар Османи.

Министерството за здравство планира во секоја општина да функционира по еден метадонски центар за да се намали отпорот на населението од отворање на вакви институции.

А до тогаш зависниците, како уличниот продавач од центарот на Скопје, сами ќе се борат со бурата која ја предизвикува дрогата, која ако не се третира, најчесто ги заринкува во водите на криминалот.

 
 
НАЈНОВИ ВЕСТИ
 
 
Испрати имејл на пријател   Верзија за печатење
 
 
  За нас | Пишете ни
 
 
BBC Copyright Logo ^^ Назад на почеток
 
  Вести | Македонски печат | Британски печат | Учете англиски | Време
 
  BBC News >> | BBC Sport >> | BBC Weather >> | BBC World Service >> | BBC Languages >>
 
  Помош | Пишете ни | Приватност