|
„Ханука“ во Македонија
|
|||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||
Додека Македонија ја држи празничната треска, и по Курбан Бајрам се прават последните подготовки за Нова година и за Божиќ,
без многу помпа поминува празнувањето на уште ден верски празник.
Еврејската „Ханука“ е празник на песната, светлото и на децата. Еврејската заедница во Македонија со песна го прослави празникот Ханука, древен празник кој е еден од најомилените кај Евреите. Се празнува со семејството, со богата трпеза и со палење на задолжителниот ритуален свеќник наречен „менора“. Виктор Фридман, професор - македонист од Соединетите американски држави, рече дека првпат празнува Ханука во поголемо друштво во Македонија. Тој вели дека Ханука е главно семеен, детски празник, а во спомен најмногу му останале традиционалните јадења: -„Јас обично, нели, славам Ханука дома, во Чикаго, со семејството. Се собиравме цела фамилија, баба ми, моите тетки, тетини, братучеди, братучетки. Ние сме Ашкенази, и кај нас адетот е нели, да се јадат палачинки од компири со сос од јаболки. Баба ми, на мајка мајката, дојде во Америка од Романија. И така, мајка ми правеше тие ’латкес’ што се вика кај нас, и многу весело беше, тоа е детски празник пред се’, и подароци, многу весело за деца.“ Додека Фридман зборуваше, наоколу трчаа многу деца покажувајќи си ги добиените играчки. Тие првин сами ги запалија осумте свеќи на менората притоа кажувајќи ја детската игра наречена „дрејдел“. Потоа рабинот ја повика Шерон Јет, Американка која работи во Скопје, со молитва да ја запали третата свеќа за третиот ден на празникот, притоа објаснувајќи дека не е необично и жена да биде повикана да го направи овој ритуал.
-„Децата ги запалија сите осум свеќи за да покажат дека има осум дена на Ханука, но да нема забуна, денес е третата ноќ на Ханука, сега за да се објави чудото како што треба, мора свеќите да се запалат со придружен благослов, како што треба.“ Шерон Јет вели дека според легендата, по големата еврејска победа над елинскиот крал Антиох во 165 година п.н.е., во храмот во Ерусалим бил оставен само еден мал сад со свето маслиново масло кое било неопходно за одново да се запали огнот во храмот. Според преданието, кога го запалиле, ова масло горело цели осум дена што Евреите го сметаат за чудо. Според Јет, Ханука е празник на чудото во храмот, но и празник кој ја означува борбата на Евреите за верска слобода. Рабинот Ави Козма, кој за себе вели дека е прв македонски рабин по холокаустот, смета дека еврејската заедница тука мора да се обновува од нула. -„Добро, заедницата е мала, јас сум првиот рабин по 60 години, значи последниот рабин роден во Македонија е одведен во Треблинка. Јас сум првиот по него.“ Козма вели дека старите времиња кога во Македонија имало цели еврејски населби нема да се вратат: -„Тоа што било порано во Македонија е незамисливо, но се надевам, навистина се надевам.“ |
||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||
|
||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||
|
||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||