|
Премиера на „Танцувај со мене“
|
|||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||
Во Лондон се одржа премиерата на филмот „Танцувај со мене" на режисерот Саша Дамјановски, Македонец кој веќе 18 години живее
и работи во Британија.
Ова беше негово дебитантско целовечерно остварување. Во фон на музиката на групата „Фолтин", филмот зборува за односот меѓу еден маж и една жена кои живеат заедно во идилична куќа во природа. И покрај тоа што се сакаат и се поддржуваат, сепак секој од нив живее во своите илузии и со своите ментални проблеми. Оттука и произлегуваат нивните интимни судири, но и целата напната атмосфера. Се чини дека добро разработеното сценарио и глумата на главните актери оставија поволен впечаток на публиката. -„Беше многу интимен, фантастичен, наелектризиран, ја градеше напнатоста до крајот и навистина уживав.“ -„Мислам дека многу добро го води дејствието и ве изненадува, го врти таму каде што не очекувате. Актерите глумат одлично а Саша воведува поинаква перспектива на животот на село. Успева да раскаже една интимна, камерна приказна.“ Автор на музиката е Никола Коџабашија кој исто така повеќе години работи во Англија: -„Не можам реално да судам за овој филм. Јас го сакам бидејќи бев вклучен во сево ова, ја работев музиката и исто ми е многу драго што музика на ’Фолтин’ беше искористена во сето ова, да се пофалам и по моја препорака, бидејќи мислев оти за танцувачките секвенци беше најидеалното нешто. Целиот филм е доста рискантен во принцип и е феноменално што практично е направен за нула пари.“ Режисерот Саша Дамјановски изрази задоволство од она што го сработил: -„Главната цел, луѓето да бидат трогнати од приказната, ја постигнав, така што многу сум задоволен, пресреќен.“ БиБиСи: Дали е потешко да се сними високобуџетен или нискобуџетен филм?
-„Проблемите се менуваат, од помал до поголем буџет, ќе има различни типови проблеми, меѓутоа апсолутно, извонредно е тешко. Но се’ може да биде тешко, копањето руда е далеку потешко. Го работиш она што сакаш да го работиш, и се трудиш колку што можеш да го направиш што е можно подобро.“ БиБиСи: Досега имаш снимено неколку комерцијални и кусометражни филмови. Зошто се реши на целовечерен проект? -„Целовечерните секогаш беа главната амбиција, да речеме главниот сон. Се’ друго јас на некој начин го сметам за подготовка за овој момент и се надевам на други моменти. Од денес натаму се надевам ќе има и други долгометражни проекти.“ БиБиСи: Што понатаму со дистрибуцијата? -„Филмот е целосно снимен на HD (висока дефиниција). Планот е сега да се обидеме да го дистрибуираме, што е на некој начин всушност дури и потешко од самата продукција. Затоа што има многу филмови, а и никој од нас не е ѕвезда, моето име не значи ништо во светски рамки, ниту моите актери, колку и да се талентирани не се ѕвезди, така што не е гарантирано дека ќе добиеме дистрибуција. Меѓутоа ќе се трудиме и сега ќе се обидеме да влеземе на колку што е можно повеќе фестивали и да создадеме една промотивна кампања од која би можеле да добиеме договор за дистрибуција“, вели Саша Дамјановски во разговор за БиБиСи на промоцијата на неговиот филм „Танцувај со мене". |
||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||
|
||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||
|
||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||