Skip to main contentAccess keys helpA-Z index
BBCMacedonian.com
 
Ревидирано на: 18. Ноември 2008 - Објавено на 09:33 GMT
 
Испрати имејл на пријател   Верзија за печатење
Пред „Денот на дрвото“
 
Странските амбасадори веќе посадија дрвца (Photo:MIA)
Со симболичното засадување на дрвца низ Македонија, граѓанската иницијатива „Засади ја својата иднина" предводено од оперскиот пејач Борис Трајанов, го најавува почетокот на есенската акција „Ден на дрвото".

Во неа се предвидени да бидат засадени трипати повеќе садници, на трипати поголема површина од пролетната акција. Но, колку се покажа успешна таа? Колку се охрабрени граѓаните и иницијаторите повторно да садат садници?

Во акцијата „Ден на дрвото“ - Засади ја својата иднина", кога Македонија за еден ден засади 2 милиони дрвца, Методија Ристески со неговите пријатели од планинарското друштво, засадиле 500 садници.

По акцијата, тој прв пат доаѓа на местото каде што садел, со желбата да види што се случило со дрвцата што тој ги засадил, како виреат неговите садници?!

-„Ништо, сушата си го зела своето, дрвцата овде се исушиле. Да видам овдека дали останало нешто? Живо е, еве овде едно, две, три четири пет, шест, сите се фатени дрвцата. Во горнион ред исто се фатени. Овие се листопади дрвца, погоре се зимзелени. Ние садевме листопади. Имаме доста фатени дрвца. Еве, гледаш сето ова фатено е! Одлично е, значи 70% сето е фатено. Задоволен сум од она што го имам направено."

Охрабрен од она што го виде Методија вели вреди да се прават вакви акции:

-„Е, многу паметно да се направи повторна акција, бидејќи јас како планинар знам што значи шумата за човекот. Тоа се белите дробови наши."

Во есенска акција за пошумување на Македонија, насловена како Ден на дрвото - засадија својата иднина, овој пат е предвидено да се засадат 6 милиони садници во еден ден, 4 милиони повеќе од минатиот пат. Екологистите цврсто веруваат во ваквите акции.

Екологистот Јован Мазгански, смета дека тоа е вистинскиот начин за збогатување на шумскиот фонд:

-„Екологистите тоа го подржуваат целосно, заради глобалното затоплување. Зашто треба да има шума за влагата повеќе да се задржи, за вода, за воздух, ерозијата.. Дрвата можат да не' спасат! Тоа беше главниот мотив да се вклучиме во оваа акција."

Американскиот амбасадор Филип Рикер (Photo:MIA)

Иницијаторот на акцијата, оперскиот пејач, Борис Трајанов, верува во успехот и проширување на акцијата. Неговите планови се Ден на дрвото да биде балканска акција:

-„Кога сме почнале и сме лидери во садење дрвја треба да го покажеме и да го потврдиме тоа. Затоа овој пат имаме поголем број на дрвца зашто сакаме што побрзо да си ја засадиме нашата убава Македонија. Со слоганот, покрај ’Засади ја својата иднина’, сакаме да го инспирираме и Балканот. На 12 март 2009 година ќе садат земјите од целиот Балкан."

Есенската акција „Денот на дрвото - засади ја својата иднина" во Македонија беше најавена за 29-ти октомври но поради временските услови, акцијата е пролонгирана за 19-ти ноември.

Тогаш Македонија масовно, во еден ден планира да пошуми 3.000 хектари на 100 локации. Акцијата е граѓанска иницијатива и поддржана од Владата на Македонија.

Сомневања?

Сепак, постојат и одредени сомневања. Бојан Ранташа е агроном-шумар кој кажува како треба да се засадат дрвцата:

-„Да се засадат 6 милиони дрва во еден ден е амбициозно и би требало во неколку дена биде засадено за да успехот, односно ефектот од самото садење на садниците биде максимален. Реалната успешност од пошумувањето во март ќе се види дури за неколку години. Зашто, една садница ако е лошо засадена таа може да израсне и дури во десеттата година да умре поради лошо засадување. Затоа е потребно секој што во среда планира да излезе и да посади дрва, претходно да се обиде да се подготви за денот, да се информира кој е процесот на садење на дрвото, на пример на ’секира.орг.мк’ постои упатство за садење на садници. Самиот процес да се обучи една група е краткотраен, се пошумува кога првата слана, првиот мраз ќе се појави на земјата, меѓутоа со оглед дека климатските промени не ја одбегнуваат Македонија - дали сега е вистинското време за пошумување ќе дознаеме за краток временски период, зошто ако повторно загрее времето, и сонцето затопли, може да предизвика несакани последици“ - вели Бојан Ранташа.

 
 
ЛОКАЛНИ ЛИНКОВИ
НАЈНОВИ ВЕСТИ
 
 
Испрати имејл на пријател   Верзија за печатење
 
 
 
BBC © ^^ Назад на почеток
 
  Архива
 
  BBC News >> | BBC Sport >> | BBC Weather >> | BBC World Service >> | BBC Languages >>