Skip to main contentAccess keys helpA-Z index
BBCMacedonian.com
 
Ревидирано на: 22. Октомври 2008 - Објавено на 11:53 GMT
 
Испрати имејл на пријател   Верзија за печатење
„Нема поправедни луѓе од Американците“
 
Стојадин Стив Наумовски
Стојадин Стив Наумовски, лекар од американската сојузна држава Мичиген и иселеник од Тетово, е долгогодишен активист на американската Републиканска партија.

На годинешниве претседателски избори, исправен пред изборот дали да гласа за Барак Обама или за Џон МекКејн, воопшто не се двоуми.

Вели дека својот глас ќе го даде за МекКејн, а ќе смета за личен успех доколку убеди што е можно повеќе приврзаници на Обама да го сменат мислењето.

Само две недели до изборите во Соединетите држаби, Стојадин Наумовски воопшто не ги штеди пофалбите за претседателскиот кандидат Џон МекКејн, но и критиките за Барак Обама.

Според него, МекКејн работи во интерес на државата, додека за политиката на Обама смета дека за кусо време би ги потрошила американските резерви:

-„Единствен човек во кампањите е МекКејн, кој има и искуство и мудрост и мотив. Мотивот му е многу појасен, почист, посветол, можеме да му се восхитуваме. За да биде претседател за да поправи нешто, да остави нешто на идните генерации, како што му оставиле него неговите родители. Тој како сенатор се обиде неколку пати да прави ’бипартизаншип’, на двете партии, го предложи законот за емиграција, кој јас не само што го поддржувам туку убеден сум оти би ги сменил работите на подобро во Америка. Од политички причини не дозволија тој закон да биде донесен, и тоа токму приврзаниците на Обама. Улогата на власта како што сакаат да ја прикажат сега приврзаниците на Обама, не е само да биде поарно денеска.“

Го прашавме Наумовски што мисли за проектот на британското списание „Економист“, кое ги повикува свотие читатели од сите земји од светот, да се изјаснат за кого би гласале кога би биле американски државјани.

Во сондажата само Македонија, Грузија и Куба се земјите во кои мнозинството од читателите се изјаснуваат за МекКејн.

Остатокот од мапата е обоен во сино, бојата на Демократите.

Наумовски вели дека Македонците и Американците делат многу заеднички вредности, кои во овој случај ги препознаваат во ликот на МекКејн.

Македонците во САД се сметаат за чесни и вредни луѓе, па и покрај тоа што тие не се решавачка група за исходот од изборите во некоја од сојузните држави, со својата определба можат да повлечат голем процент од другите гласачи, вели Наумовски:

-„Нема поправедни луѓе можеби од Американците, меѓутоа ако дејствуваат врз основа на вистината. Ако не им е кажана вистината, може да згрешат. Но, во Америка, секогаш на крајот на краиштата ќе го сторат правилното, тоа што требало, откако ќе ја дознаат вистината. Приврзаник на Обама кога ќе ги чуе моите аргументи, вели, навистина треба да гласаме и ние за МекКејн.“

Нашиот соговорник не е сосема уверен во веродостојоста на анкетите според кои во моментов Обама е во предност пред МекКејн, бидејќи Американците, како што вели, сакаат да остават впечаток дека се политички коректни и ќе гласаат за кандидатот кој е половина Афро-Американец. Но, на затвореното гласачко место, оваа предност ќе се стопи, смета Наумовски:

-„Американците сега зборуваат, но кога ќе отидат на гласачкото место, тие сепак ќе гласаат за МекКејн. Тие сакаат да бидат политички коректни.“

Што се однесува до политиката на МекКејн и на Обама кон Република Македонија, демократскиот кандидат беше честопати обвинуван во македонските гласила за поддршката, како што тврдат, кон грчките ставови.

Но Наумовски уверува дека американската политика ќе остане непроменета, при тоа отфрлајќи ги сите критики што стигнуваат на сметка на претседател Џорџ Буш:

-„Напаѓањето на Буш е сосема погрешно. Не ги слушнав ни едните ни другите да ја зборуваат вистината за Буш. Тоа што го правеше Буш би го правел било кој претседател кој е проамерикански настроен и кој би сакал да ја остави Америка подобра за утре“, вели Американецот од македонско потекло Стојадин-Стив Наумовски во разговор за БиБиСи.

 
 
ЛОКАЛНИ ЛИНКОВИ
НАЈНОВИ ВЕСТИ
 
 
Испрати имејл на пријател   Верзија за печатење
 
 
 
BBC Copyright Logo ^^ Назад на почеток
 
  Архива
 
  BBC News >> | BBC Sport >> | BBC Weather >> | BBC World Service >> | BBC Languages >>