BBCMacedonian.com
Aлбански
Српски
Турски
 
Ревидирано на: 27. Август 2008 - Објавено на 16:05 GMT
 
Испрати имејл на пријател   Верзија за печатење
Префрлање на вината за спорот со името
 
Црвенковски со Нимиц
Црвенковски со Нимиц
Спорот околу името е прва тема во Македонија, откако домашните медиуми ги пренесоа информациите на израелски аналитичар кој тврди дека постои американски план за решавање на грчко-македонскиот спор.

Македонскиот премиер Никола Груевски изјави дека не знае за наводниот план со кој би се окончал спорот за името велејќи дека не може да одговара на претпоставки.

Груевски одговори и на обвинувањата на грчката министерка за надворешни работи Дора Бакојани дека токму тој ќе биде виновникот за блокираната европска иднина на Македонија.

Но, зборувајќи пред новинарите, тој многу повеќе му реплицираше на претседателот Бранко Црвенковски.

Во телевизиско интервју вчера претседателот обвини дека заради лошата стратегија на премиерот не може да се реши прашањето со името.

-„Прифаќам дека јас сум виновникот за се’. Веројатно сум виновникот зошто 15 години не е решено тоа прашање. Веројатно сум виновникот зошто сите претходни влади во Македонија и во Грција не успеаја да го решат прашањето.“

Во меѓувреме, пратениците донесоа Резолуција за бегалците од Егејска Македонија.

Резолуцијата предвидува македонската влада да ја „помогне правната битка на луѓето чии имоти биле одземени за време на Втората светска војна и за време на Граѓанската војна во Грција.

Станува збор за околу 60 илјади бегалци, за кои собранието сега ја обврза владата да им даде правна помош и на секои шест мецеси да го информира Собранието до каде е постапката.

-„Со оваа резолуција која натаму ќе ја разработиме, ќе дојдеме до единствената наша цел: да ни се врати тоа што ни е одземено“, вели Ѓорѓи Доневски, член на Здружението на бегалците од егејскиот дел на Македонија.

Ова е првпат македонското собрание да го разгледува проблемот на Егејците кои од 1941 до 1946 година ги напуштија родните места во Грција.

Македонските власти не успеаа т.н. „егејско прашање“ да го вметнат од преговарачкиот процес што се води со посредништво на Обединетите нации.

Посредникот Матју Нимиц јасно кажа дека фокусот е само на името, а американската амбадаса во Скопје одново порача дека сака „што е можно поскоро“да види решение за името.

 
 
НАЈНОВИ ВЕСТИ
 
 
Испрати имејл на пријател   Верзија за печатење
 
 
  За нас | Пишете ни
 
 
BBC Copyright Logo ^^ Назад на почеток
 
  Вести | Македонски печат | Британски печат | Учете англиски | Време
 
  BBC News >> | BBC Sport >> | BBC Weather >> | BBC World Service >> | BBC Languages >>
 
  Помош | Пишете ни | Приватност