BBCMacedonian.com

25. Јули 2008 - Објавено на 10:58 GMT

Струшки ѓомлезец

Кашаник или „ѓомлезец“ се два различни називи за ист специјалитет. Иванка Шулеска од струшкото село Мислешево, пензионерските денови ги минува, најмалку двапати во месецот правејќи го овој специјалитет по кој струшкиот крај е надалеку познат.

СЛУШАЈТЕ ГО ПРИЛОГОТ

Под вршник или на струшки сач, неколку часа е потребно да се дојде до крајниот производ, јавува Мики Трајковски.

Правејки го кашаникот, времето побргу и’ минува пеејќи ги песните од нејзината младост:

-„Кашата само со сол и вода и ништо друго, тоа било од порано, и така е. Сега почнаа во ново време и масло да фрлаат и кисела вода и точно си го правам како баба ми и мајка ми што си го правеа, со сол и вода и кашата да биде не многу слаба, не дебела, туку средна - онака. И се работи онака, со дрвена лажица.“

Десетина литри каша се потребни за дваесет кори кои на врел оган под вршник и на премногу висока температура се печат околу 2 часа и потоа се сечат.

Иванка ја прашавме која е тајната на добриот рецепт?

-„Во подготвувањето и во огнот. Ако не ги потпечиш губите (корите), убо да бидат, розеви, секој кат што ќе ја потпечиш од бела станува розева, тоа е тајната, и после секој пласт се делит. Тоа е финтата.“

Безброј анегдоти се поврзани со овој специјалитет.

Мајстори на вистинското ѓомлезе има се’ помалку, вели Иванка, која правиот рецепт го научила од својата баба и’ и затоа сака истиот да го пренесе на своите најблиски:

-„Старите претежно ќе велеа: дури не се испотиш не е благ, и затоа треба да се испотош повеке и така ќе ти биди повкусен ѓомлезецот.“

Ѓомлезето е највкусно со домашно кисело млеко а се’ повеќе се нуди и по рестораните и хотелите.