BBCMacedonian.com

14. Јули 2008 - Објавено на 07:15 GMT

Кумановски „мезл'к“

Кумановскиот мезелaк или „мезел’к“ како што го нарекуваат во овој град во северо-источна Македонија, е традиционално јадење кое и после еден век од своето постоење не ги остава вистинските гурмани сосема рамнодушни. Габриела Димковиќ.

СЛУШАЈТЕ ГО ПРИЛОГОТ

Љубиша Стојковски, познат како Бубе, мајстор за мезелaк во Куманово, повеќе од три децении со многу љубов и внимание го подготвува мезелaкот по традиционален рецепт.

-„Состојките за приготвување се телешкото чкембе, белиот џигер и папокот. Ова јадење бара многу време за приготвување, на пример чкембето се вари од 5 до 8 часа. Кога ќе се свари зајрето се потпечува и исклучиво се служи во земјен сад затоа што така е многу повкусно."

Градско јадење

За локалните жители но и за странците ова јадење остава впечаток со својот медитеранско-ориентален „шмек“, дополнет со зачини од разни кујни вели мајсторот за мезел'к:

-„Неодамна гостин ни беше еден амбасадор заедно со луѓето од службите кои работат во амбасадата. Добри муштерии за мезл'кот се скопјаните. Ќе се соберат во друштво и ќе ми порачаат осум-десет тави", вели Стојковски.

Мезелaкот води потекло од турската кујна и уште од времето кога Османлиите биле на овие простори се служел како главно јадење, но и на гостинска трпеза со црвено вино, вели етнологот Анита Ѓорѓиоска:

-„И до ден денешен мезл'кот се подготвува исклучиво во градските куќи. Колку што имам истражувано, во селата воопшто немаат познавање за ова јадење, никогаш не се подготвувало во селата."

За мезелaкот постои едно правило - или го обожуваш или воопшто не ти се допаѓа. Не постои средина, барем така мислат кумановци.

-„Препознатливи сме по него, не го приготвуваме дома, ама во кафеана го јадеме."

-„Сум пробал, ама не го јадам, тешка храна е тоа."

Да дојдеш а да не пробаш?

-„Го порачуваме овде, ама добро го приготвуваат и во кафеаната ’Лондон’. Сега не го прават како некогаш браќата Биџо, Борис и Спиро, тие беа прочуени мајстори за мезелaкот."

Кумановскиот мезелaк се служи во повеќе традиционални кафеани во Куманово и го има во секое време, затоа на крајот мајстор Бубе порача:

-„Да дојдеш у Куманово а да не пробаш мезл'к е исто како да не си бија."