Skip to main contentAccess keys helpA-Z index
BBCMacedonian.com
 
Ревидирано на: 17. Јули 2008 - Објавено на 10:48 GMT
 
Испрати имејл на пријател   Верзија за печатење
Заев ќе се брани од слобода
 
Зоран Заев (Photo:MIA)
Заев моментно е и градоначалник на Струмица
По 12-часовен распит на потпретседателот на опозицискиот СДСМ и градоначалник на Струмица, Зоран Заев и неколкумина негови соработници, судот во Скопје вчера реши тие да се бранат од слобода.

По излегувањето од судот, Заев им се обрати на приврзаниците и претседателството на СДСМ кои неколку часа протестираа пред судската зграда:

-„Денеска на крајот на овој ден се случи она што само и’ доликува на Република Македонија. Правдата повторно победи“ - рече Заев.

Во врска со апсењето на Заев, поради сомневања за злоупотреба на службената должност во врска со изградбата на трговски центар во Струмица, се огласи и евро-амбасадорот во Македонија, Ерван Фуере.

Тој рече дека во изминатите години имало премногу спектакуларни апсења.

Повлекувањето на СДСМ од македонското собрание, што следеше како реакција по вчерашното апсење на Заев, според Фуере не е добро, затоа што како што истакна „Парламент без опозиција не е парламент во вистинска смисла на зборот“.

Што претходеше...

Македонската полиција вчера утрото го уапси Зоран Заев, потпретседател на најголемата опозициска партија СДСМ и градоначалник на Струмица, заради злоупотреба на службената должност.

Тоа ја втурна Македонија во нова политичка криза.

Приврзаници на СДСМ протестираа против приведувањето на Заев пред Судот во Скопје, Собранието работи без опозиција, а претседателот на државата ја обвини власта за политички пресметки со своите неистомисленици.

Претседателот на СДСМ Радмила Шекеринска го предводеше протестот пред Основниот суд 1 во Скопје каде заедно со партиски приврзаници протестираа против апсењето на струмичкиот градоначалник.

За СДСМ, патијата чиј потпретседател е Заев, ова е „политички случај третиран од страна на МВР“.

-„Денеска сме собрани со сите оние кои веруваат дека никој не е виновен се додека не се докаже спротивното и кои се спротивставуваат Македонија да се претвори во полициска држава“, изјави Шекеринска пред Судот.

Во знак на протест заради приведувањето на Заев, СДСМ претходно ја прекина работата во Собранието, а од собраниската говорница лидерот на партијата , Шеќеринска, остро ја нападна власта:

-„Бидејќи сакавте апсолутна власт и сакате диктатура, таа ќе продолжите да си ја терате во ова собрание.“

Силвана Бонева од владејачката ВМРО-ДПМНЕ се спротивстави на зборовите на Шекеринска и тоа е единствената реакција до сега од власта во врска со обвинувањата околу приведувањето на Заев:

-„Единствена политичка партија во Македонија која си дозволува да прави притисок врз судската власт и врз другите власти во државата е СДСМ.“

Седиштето на СДСМ

Но, со СДСМ се солидаризираа и коалициските партнери ЛДП, НСДП и Нова алтернатива, па собранието работи без опозиција бидејќи од претходно Демократската партија на Албанците ги бојкотира седниците затоа што не ги признава изборните резултати.

Политички пресметки

И претседателот Бранко Црвенковски, кој веста за апсењето на Заев ја прими во Албанија, го осуди начинот на кој власта ја спроведува борбата против криминалот и корупцијата:

-„Продолжува една пракса не на употреба, туку на злоупотреба и на власта и на полицијата, и на битката против корупцијата за политичка пресметка со неистомислениците.“

Полицијата го уапси струмичкиот градоначалник утрово и го товари дека ја злоупотребил службената положба и овластувањата при изградбата на Трговски центар во Струмица.

Одделот за организиран криминал вели дека Заев, заедно со уште четворица вработени во локалната власт во Струмица, работеле незаконски кога на местото на градското пазариште решиле да го изградат трговскиот центар.

Освен Заев полицијата ги приведе четворицата негови соработници, кои беа на распит кај истражен судија.

Ова е второ изведување пред суд на висок функционер на опозициската СДСМ откако лани, речиси во истиот период, беше поднесена кривична пријава против поранешниот премиер и член на СДСМ Владо Бучковски.

 
 
НАЈНОВИ ВЕСТИ
 
 
Испрати имејл на пријател   Верзија за печатење
 
 
 
BBC © ^^ Назад на почеток
 
  Архива
 
  BBC News >> | BBC Sport >> | BBC Weather >> | BBC World Service >> | BBC Languages >>