Skip to main contentAccess keys helpA-Z index
BBCMacedonian.com
 
Ревидирано на: 15. Јули 2008 - Објавено на 07:56 GMT
 
Испрати имејл на пријател   Верзија за печатење
Прилепски ширден
 
Прилепски ширден печен во тава
Прилепчани го сметаат за нивни специјалитет
Во серијата на БиБиСи за традиционалната храна во Македонија, тука зборуваме за ширденот. Многу млади луѓе сигурно не го пробале, а прилепчани велат дека ширденот е нивен и само нивен специјалитет што го нема на друго место во земјата.

Но, од што се состои овој прилепски специјалитет пренесува Елизабета Филипоска.

Прилепчани тврдат дека јадењето не се подготвува ниту во еден друг град освен во Прилеп.

Петар Димески, чија опсесија е готвењето иако по професија не е готвач, го опишува рецептот:

-„Ширденот е наследен од ориенталната кујна. Ширденот како јадење, чисто прилепско јадење за сите гурмани е голем предизвик. Тоа јадење не го знае секој, не го вкусил секој, меѓутоа ако еднаш пробате, секогаш ќе имате желба да го јадете."

Тајната на ова исклучително прилепско јадење е во изборот на месото, вели нашиот гурман Петар Димески:

-„Прилепскиот ширден го сочинуваат три типа на месо. Трите видови месо се сечкаат на мали парченца, со димензија од еден и пол сантиметар. Во нив се додава исечкан кромид, сол, црн бибер и малку јенибар и ориз. Го запржуваме местото, заедно со кромидот. Ширден е внатрешен орган на младо јагне кој преставува продолжение на желудникот. Добро исчистен се полни се затвора на стариот прилепски начин со шиење. Се додава една чаша вода и се печи на 180 степени, два часа, а се служи топол."

Колку често прилепчани приготвуваат ширден?

Има ли такви што овој специјалитет не го знаат или не бил на нивната трпеза?!

Еве што велат некои од луѓето кои БиБиСи ги сретна низ прилепските улици:

-„Тоа е специјалитет кој што навистина е убав. Меѓутоа луѓето не го знаат, мислат дека е од чкембето на животното, а не е.“

-„Ширденот, да, отсекогаш е. Во старо време во тава се правел. Тоа ретко се готви денес оти е многу скап специјалитет. Скапи работи внатре има. Секој не можи да го прави."

-„Не, не правам ширдени. Како специјалитет е многу скап!"

-„Кај нас како што се прави, никаде не се прави. И навистина е специјалитет кој што е од Прилеп, исклучиво!"

-„Ширденот е јадење, прсти да излижеш."

Ете, таков е прилепскиот специјалитет - прилепски ширден, еднаш кога ќе го вкусите, ќе го паметите засекогаш, како вкусно и посебно јадење!

 
 
ЛОКАЛНИ ЛИНКОВИ
Кумановски „мезл'к“
14 Јули, 2008 | Вести
Шкембарска шкембе чорба
17 Јули, 2008 | Вести
Тетовско гравче-тавче
18 Јули, 2008 | Вести
Скопје и храната
23 Јули, 2008 | Вести
Познатото битолско мезе
23 Јули, 2008 | Вести
Струшки ѓомлезец
25 Јули, 2008 | Вести
НАЈНОВИ ВЕСТИ
 
 
Испрати имејл на пријател   Верзија за печатење
 
 
 
BBC © ^^ Назад на почеток
 
  Архива
 
  BBC News >> | BBC Sport >> | BBC Weather >> | BBC World Service >> | BBC Languages >>