Skip to main contentAccess keys helpA-Z index
BBCMacedonian.com
 
Ревидирано на: 16. Јули 2008 - Објавено на 08:03 GMT
 
Испрати имејл на пријател   Верзија за печатење
Кавадаречкиот маџун е и лек
 
Маџунот се прави главно во Кавадарци
Во серијата на БиБиСи за македонската кујна и специјалитетите, зборуваме за еден необичен локален производ. Знаете ли што е тоа маџун? Сте го пробале ли овој производ од сокот на грозјето со карактеристичен вкус и мирис? Специјалитетот е препознатлив само за Кавадарци, и со години се користи не само во исхраната, туку и како лек против жолтица, јавува Зорица Атанасова.

Во градот под виновата лоза највкусната храна се прави од грозје, а само од неговиот сок се добива производ со карактеристичен мирис и слатко-кисел вкус.

Повозрасните луѓе како Дара Гркова велат дека воопшто не е тешко да се подготви маџун:

-„Маџунот лесно се вари - се бере грозјето, ќе се премуља преку муљач и ќе се преточи таа шира. Не треба да се додава шеќер во него, ќе престои течноста околу 12 часа и после се `запрстува` со земја. Земјата ќе се испече, како искри ќе фати тоа, ќе се стави и со ситото ќе се прецеди во тавата на оган. Маџунот се знае кога е варен, кога ќе добие жолта боја и се собира во тегли или во шишиња."

Подобро од бело грозје

Ја прашавме Дара Гркова од кое грозје се добива најквалитетен маџун, а таа ни рече:

-„Од белите сорти грозје поличен е маџунот, од смедеревка, странушина, афус-али. Многу грозје е потребно затоа што малку маџун излегува. Јас од 30 килограми шира полнам само шест шишиња маџун."

Денес маџунот е специјалитет, а порано секоја домаќинка го имала во својот дом:

Бело грозје

-„Маџунот во секоја куќа се вареше; есента кога ќе се береше грозјето се` мирисаше на маџун. Немаше на чаршијата што да се купи, немаше шеќер доволно и затоа се јадеше маџун и здрави бевме. Палачинки ќе направевме... и така си јадевме маџун, топло лепче ќе си земат, ќе си седнат и ќе јадат. А сега вариме ама никој не јаде ништо оти има се` во чаршијата."

Баба Дара вели дека ако сварите маџун, тогаш без проблеми со него ќе направите уште еден специјалитет:

-„Ами раванијата како се прави? Исто како за тортата каша, само малку погуста таа се прави, се додава две чаши вода, една чаша маџун и една чаша зејтин, три раце шеќер и едно пециво. Потоа се додава брашното и оревите, ја печеш и раванијата мириса многу убаво, од тортата уште поубаво мириса.“

Не знам дали досега сте пробале маџун, но при следната посета во Кавадарци не заборавете да го побарате производот што, според Дара Гркова е многу повеќе од само вкусен специјалитет:

-„Тоа е здрав лек за жолтицата, за црната жолтица, за други жолтици. Тоа е најкорисно и најздраво."

 
 
ЛОКАЛНИ ЛИНКОВИ
Кумановски „мезл'к“
14 Јули, 2008 | Вести
Прилепски ширден
15 Јули, 2008 | Вести
Шкембарска шкембе чорба
17 Јули, 2008 | Вести
Тетовско гравче-тавче
18 Јули, 2008 | Вести
Струшки ѓомлезец
25 Јули, 2008 | Вести
Скопје и храната
23 Јули, 2008 | Вести
НАЈНОВИ ВЕСТИ
 
 
Испрати имејл на пријател   Верзија за печатење
 
 
 
BBC © ^^ Назад на почеток
 
  Архива
 
  BBC News >> | BBC Sport >> | BBC Weather >> | BBC World Service >> | BBC Languages >>