Skip to main contentAccess keys helpA-Z index
BBCMacedonian.com
 
Ревидирано на: 11. Јули 2008 - Објавено на 16:23 GMT
 
Испрати имејл на пријател   Верзија за печатење
Љубе Бошкоски пречекан со еуфорија
 
Љубе Бошкоски
Љубе Бошкоски се врати во Македонија, ослободен од Хаг
Црквени камбани, пречек на скопскиот аеродром, средби со премиерот, емоции....

Сето ова во чест на Љубе Бошкоски, поранешен министер за внатрешни работи на Македонија, кого Меѓународниот суд за воени злосторства во поранешна Југославија во Хаг го ослободи од обвиненијата дека сторил злодела против етнички Албанци, во судирите во 2001 година.

И ова не е се’. Поранешниот министер и влијателен член на сегашната владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ, го пречекаа илјадници граѓани, а прв со него се поздрави премиерот Никола Груевски.

По симнувањето од авионот на скопскиот аердодром, тој се наведна и го бакна тлото.

Освен премиерот, на аеродромот го пречекаа повеќемина негови сопартијци од ВМРО - ДПМНЕ, а Бошкоски со солзи во очите рече дека неговите мисли се со Тарчуловски.

Судот во Хаг вчера на Јохан Тарчуловски му изрече казна од 12 години затвор, за воени злодела во операцијата во скопското село Љуботен во 2001 година кога загинаа седуммина цивили, етнички Албанци, а цивилен имот беше уништен.

Настанот во живо го пренесуваше Македонската државна телевизија, а и останатите телевизии имаа свои екипи таму.

Политичките аналитичари во Македонија оценуваат дека крајот на судскиот процес против Бошкоски може да се протолкува како окончување на воениот конфликт во Македонија од 2001 година.

Завршница на конфликтот

Според аналитичарот Јован Донев од Институтот „Евробалкан" целата еуфорија при пречекот на Бошкоски е типичен „балкански фолклор":

-„Фрустрациите што ги имаа, Македонците ги празнат на еден начин. Цело време постоеше чувство меѓу мнозинството Македонци дека тие не се виновни, дека не го наметнаа овој судир, туку се бранеа. Немаа за цел да вршат етнички чистења во Македонија. Сега имаме вентил на сето тоа, една еуфорија. Сето ова е една таква морална сатисфакција, што ја чувствуваа мнозинството Македонци - дека беа неправедно обвинети" - вели Донев за БиБиСи.

Но аналитичарот Мерсел Биљали смета дека еуфоријата која настана по пресудата на Трибуналот, по ослободувањето на Бошкоски, не е корисна за мултиетничката реалност во Македонија.

Самата пресуда пак треба да се толкува и низ нејзиниот морален карактер, вели Биљали:

-„Јас мислам дека ова е комплетна завршница на последиците или рецидивите на судирот кои знаат да потрааат неколку години по конфликтот. Така што ова е правно и политичко завршување на тој судир."

Случајот „Љуботен" е единствениот предмет кој доби судска разрешница.

Остануваат уште четири предмети, познати како „хашки случаи" кои допрва треба да бидат процесуирани во Македонија и кои веќе предизвикуваат реакции и политички турбуленции во земјата.

 
 
НАЈНОВИ ВЕСТИ
 
 
Испрати имејл на пријател   Верзија за печатење
 
 
 
BBC © ^^ Назад на почеток
 
  Архива
 
  BBC News >> | BBC Sport >> | BBC Weather >> | BBC World Service >> | BBC Languages >>