|
Јадранската група оди без Македонија
|
|||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||
Македонија ја пропушти можноста да стане членка на НАТО, заедно со Албанија и Хрватска, од Јадранската група во која заеднички
ги мина неколкугодишните подготовки.
Додека овие две земји утре ќе ги потпишат протоколите за членство, Македонија останува надвор од Јадранската група на неодредено време, односно се додека не го реши спорот со Грција околу името. Утрешниот ден, 9-ти јули, генералниот секретар на НАТО Јап де Хоп Схефер го сугерираше како краен рок Македонија да го затвори спорот околу името со Грција за да може со другите две земји од Јадранската група да го потпише протоколот за членство во НАТО. Тоа беше втората шанса, што Алијансата и ја даде на земјата по самитот во Букурешт кога Грција го употреби своето право на вето за покана за Македонија. Но многумина во Македонија сметаат дека НАТО ја исправи земјата пред речиси невозможна мисија: за три месеци да го реши проблемот што скоро две децении ги отежнува македонско-грчките односи. Не даде резултат ниту силниот американски притисок за конечна разрешница на проблемот. Извесното мирување на преговорите заради македонските предвремени парламентарни избори, и непопустливоста на двете страни, придонесоа за тоа Македонија да остане надвор од најмоќниот воен сојуз во светот. Македонското раководство, на нова средба за координирање на ставот меѓу претстедателот Бранко Црвенковски и премиерот никола Груевски, денеска подготви одговори на идеите на посредникот Метју Нимиц кои треба да му ги пренесе македонскиот преговарачки тим. Засега нема детали за одговорот, кој треба да биде изложен на средбата што ќе се одржи одржи во Њујорк, до крајот на неделава, по што посредникот треба да се сретне и со грчката страна. Посетите на Нимиц на Скопје и Атина по изборите во Македонија не го смалија јазот меѓу двете страни, но Нимиц рече дека верува оти и кај Македонија и кај Грција постои волја да се реши спорот за името. Рокови за решавање нема, рече тогаш Нимиц. Но, утре министрите за надворешни работи на Хрватска и Албанија ќе пијат славеничко шампањско во Брисел заради членството во НАТО на нивните земји, а меѓу нив нема да има македонски претставник. |
||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||
|
||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||
|
||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||