Skip to main contentAccess keys helpA-Z index
BBCMacedonian.com
 
Ревидирано на: 01. Јули 2008 - Објавено на 07:46 GMT
 
Испрати имејл на пријател   Верзија за печатење
Психичкото здравје - табу
 
Психологија, лекар, пациент
Тешко се наоѓа некој кој што зборува за психичките проблеми
Националниот здравствен систем во Британија недела бележи шеесет годии од основањето.

Тој произлезе од идеалот дека добрата здравствена заштита треба да им биде достапна на сите, без оглед на богатството.

Неделава светскиот сервис ги разгледува здравствените системи низ светот.

Во Македонија - грижата за менталното здравје и разговорот за нарушувањата на психата не се омилена медицинска тема за разговор кај Македонците.

Психолозите велат дека дел од граѓаните се’ уште ја сметаат посетата на психолог за табу тема и нешто што не им е потребно на „нормалните луѓе".

Елеонора Венинова зборуваше со терапевт, но и со човек кој не се плаши да зборува за неговото искуство со „лекарите на умот". Но, најпрвин ги праша граѓаните - што мислат за одењето кај психолог или психијатар?

-„Па нормално е човек да појде".

-„Па мислам дека е добро одењето на психијатар заради проверка за своето мислење за состојбата во која се наоѓаме".

-„Зошто да не?! Кај нас се’ уште постои табу, меѓутоа не гледам ништо лошо во тоа. Кога човек е во дилема и не знае кој е вистинскиот пат да реши било што, една консултација за што и да е, мислам дека е во ред".

Молк

Дека македонските граѓани не се расположени да зборуваат за својот ум и за психичката состојба се уверив и самата.

Барајќи некого кој сосема општо би зборувал за своите искуства со терапија, останав без соговорник.

Единствениот кој се согласи отворено да зборува беше израелскиот експерт Сем Вакнин, автор на книгата „Малигно самољубие - за нарцисоизноста".

-„Јас имам пореметување на личноста кое се нарекува нарцисоидност. Тоа се смета за доста сериозно пореметување. Но јас се чувствував толку удобно со моето пореметување што излегов пред медиумите во Израел и тоа во неколку широко публикувани и распространети телевизиски интервјуа. Напишав и книга за тоа. Знаете, сосема отворено настапив, немав проблем, не се засрамив ниту пак моето семејство. Сите тоа го прифатија како нешто нормално - имам пореметување, се справувам со него и тоа е тоа."

Мојот соговоник Сем Вакнин и самиот е заинтересиран за психотетрапија и ја истражува оваа област. Според него Македонците се многу порасположени за своето физичко отколку за своето ментално здравје.

-„Неодамна запознавме еден човек кој многу отворено и без срам ни кажа дека има сексуално пренослива болест. За мене тоа беше шокантно. На запад, ова не би се споменало ниту меѓу блиски луѓе, а уште помалку меѓу странци. Но, во Македонија ова е честа појава - луѓето ги дискутираат физичките болести без срам, но се многу засрамени кога треба да зборуваат за психичките проблеми. Менталните болести се перцепираат делумно и како сопствен избор и ставот е - не се преправај и преболи го тоа. Многу често луѓето со психички болести ги сметаат за актери, дека се преправаат."

Показна вежба

За и самата да се проверам како изгледа една сеанса кај терапевт, се упатив кај Мирјана Јовановска - Стојановска од советувалиштето „Сега и овде".

БиБиСи: „Значи сепак имате кауч!"

Психијатрија, здравје

-„Па не служи овој кауч, не ги легнувам јас тука клиентите. Тоа што јас го работам е ’Гешталт’-терапија и нема потреба од такво нешто. Имаме две исти фотелји затоа што идејата на ’Гешталт’-терапијата која јас ја правам е дека и клиентот и терапевтот се едно исто, две рамноправни личности, однос на ЈАС и ТИ, во кој на едниот му треба помош, бара нешто, а јас можам да му помогнам да му покажам нешто."

БиБиСи: Како започнува терапијата?

-„Најважно е прво да се запознаеме. Многу од нашите проблеми ние можеме да ги решиме и со себе и со нашите пријатели живеејќи во една меѓусебна размена, на дружење, на енергии на совети, на раскажување. Убаво е кога имаш некому да ги раскажеш своите маки и радости. Ако некогаш не можеме сами да ги совладаме, и пријателите не можат да ни помогнат, а и партнерот, подобро е да побараме помош отколку да останеме во едно психолошко страдање со месеци или со години."

На крајот на оваа сесија, зборувајќи за важноста на психичкото здравје, терапевтот го вели следново:

-„Кога ќе ги здоболи заб луѓето одат кај стоматолог, а не кај комшијата. Зошто тогаш размислуваат дека ако имаат некои психички проблеми, посетата на комшијата повеќе ќе им помогне отколку посетата на терапевт?"

 
 
ЛОКАЛНИ ЛИНКОВИ
НАЈНОВИ ВЕСТИ
 
 
Испрати имејл на пријател   Верзија за печатење
 
 
 
BBC Copyright Logo ^^ Назад на почеток
 
  Архива
 
  BBC News >> | BBC Sport >> | BBC Weather >> | BBC World Service >> | BBC Languages >>