|
Полициската тортура постои и натаму
|
|||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||
Последните четири години во Македонија се намалува бројот случаи на полициска тортура врз граѓаните, но таа за жал се' уште
постои - се вели во извештајот на Проектот за поддршка на човековите права.
Меѓународниот ден за поддршка на жртвите од тортурата во земјата беше одбележан со конференција на која учествуваше и францускиот народен правобранител Жан Пол Делевоа. Во архивата на македонскиот проект за поддршка на човековите права, во кој се вклучени повеќе граѓански асоцијации, наведен е и случајот под шифра СК034. -„Според записникот, специјалните полициски единици го претепале човекот чие име не се спомнува, во неговиот двор, пред очите на семејството, по што бил пренесен во полициска станица каде што тортурата продолжила“ -раскажува Аница Томшиќ Стојковска, координатор на проектот. -„Она што е карактеристично за овој случај е дека и народниот правобранител поднесе кривична пријава до Јавното обвинителство но еве веќе трета година како нема никаков одговор од таму, немаат постапувано, и нема одговор дали Ј.О. ќе ја прифати или не оваа кривична пријава." Иако последните неколку години се намалува бројот случаи на полициска тортура врз граѓаните, таа очигледно не е искоренета, велат од Проектот за поддршка на човековите права. За сите регистрирани случаи во проектот се поднесуваат претставки до Секторот за внатрешна контрола во полицијата, но: -„90 или 95% од претставките се одговорени на начин дека нема доволно докази за употребена сила или елементи на тортура, односно се' уште во Македонија постои солидарност меѓу полициските службеници" - изјави Стојковска. И македонскиот Хелсиншки комитет за заштита на човековите права наведува дека и оваа година кај нив се документирани повеќе сериозни случаи на полициска тортура. На меѓународниот ден против тортурата, Комитетот упати апел до македонските власти - да ги забрзаат подготовките за ратификација на Факултативниот протокол кон Конвенцијата против тортурата и другите нехумани или понижувачки казни, со што би се овозможило невладиниот сектор да биде дел од процесот на креирање и работа заедно со телата за спречување на измачувањето. Франциски искуства На панел дискусијата во Скопје денеска францускиот правобранител Жан Пол Делевоа, кој претходно се сретна претставници на македонската власт, околу насоките кон надминувањето на употребата на сила на полицијата или пак состојбата во затворите, рече: -„Ние воопшто не сме во соостојба да даваме лекции затоа што и самите имаме проблеми, но она што е најбитно е да се работи чекор по чекор." Правобранителите на Македонија и на Франција Иџет Мемети и Жан Пол Делевоа се договорија за поблиска соработка затоа што како рекоа, само на таков начин полесно ќе се евидентираат слабостите што се јавуваат во процесот до искоренување на тортурата. |
||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||
|
||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||
|
||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||