|
Кој ја загадува река Пена во Тетово?
|
|||||||||||||||||||||||||||||||
Неколкумина повозрасни тетовци секојдневно си го пијат утринското кафе или чајот на брегот на реката Пена, а чисто е и средено
благодарение на постојаната грижа на соседите. Но течението на Пена десетина метри погоре ја покажува еколошката свест.
Имено, се гледаат од најлонски ќеси, до неупотреблив мебел, а наместо во отпад, или на депонија, речното корито на многумина им служи како ѓубриште. -„Секаде пишува да не фрлате смет, но напротив. Ние сме Балкан, уште многу години треба за да дојдеме до ум.“ -„Шпорети, фрижидери, кревети фрлаат. Јас ги гледам, со количка фрлаат в река, со багер потоа чистеа, но тие пак не слушаат, треба инспекцијата да е поспособна.“ -„Многу малку луѓето се разбираат во екологија, во чистота, а чистотата е здравје и живот“, велат тетовци. Микробиологот доктор Џавид Фејзули, вели дека човечкиот фактор е највиновен за загадувањето на Пена, која е една од притоките на Вардар: -„Над градот, горе накај Бањиче, водата се движи меѓу прва категорија во сите параметри, освен бактериолошки, а после дождовите знае да биде и втора категорија. Меѓутоа, долу при испустот во Вардар имаме бактериолошки последна категорија, апсолутно загадена, а хемиски, заради потрошувачката на кислород, доаѓа до трета категорија“, вели доктор Фејзули. Еколошката катастрофа е секојдневното влевање на канализациските води во Пена, најмногу поради хемиските загадувачи, вели доктор Муртезан Исмаили, директор на Институтот за животна средина и здравје при Универзитетот на југоисточна Европа: -„Со една проста математика, Тетово сигурно има најмалку 20 илјади семејства, кои просечно бројат по пет члена, а секоја фамилија месечно троши барем по една вреќичка детерџент и други хемиски средства за домаќинство. Тоа се тонски количества кои дневно се влеваат во канализацијата, а со тоа и директно во реката Пена, во Вардар, и тоа е еколошка катастрофа“, вели доктор Исмаили. Итно поставување на пречистителни станици бара Невзат Елези, градоначалникот на Боговиње, кој неодамна докторираше на темата „Физичко-хемиските показатели на водите на Вардар и Охридското езеро и нивното влијание врз флората во нив“:
-„Докажавме дека директното испуштање на водите од индустриските објекти или од домаќинствата, фекалните и атмосферските води, непосредно ја загадуваат реката Вардар“, вели градоначалникот Елези. Посериозна работа на инспекциите, поставување чувар, или полицијата да казнува каде ќе затекне загадувачи, одговараат граѓаните на прашањето како да се заштити речното корито на река Пена. Микробиологот Фејзули вели дека денес, сликите од неисчистените речни корита и загадените води треба да бидат далечно минато: -„Историчарот Херодот за еден персиски обичај вели: оние кои мократ и плукаат во реките - ги казнуваат. Филозофот Платон говори дека се’ што има вредност е скапо, има цена, водата е живот а нема цена. Постоел уште во кралството Југославија пропис од Душановиот законик кој вели: оној што ќе фрли нечистотија во поток или река и ќе ја опогани водата, да се казни со затвор и да ја исчисти цела река. Ако имаме ваков пропис ќе ја имаме река Пена, а канал Пена“- вели доктор Фејзули. Освен Пена, и Бистрица е една од притоките на Вардар од полошкиот регион. Оваа река ја користи „Силмак“ во Јегуновце и освен што хемиски се загадува, со промената на нејзината температура се менува киселоста и нејзината флора, што пак неспоредно влијае и врз водите на Вардар. Загрижуваат и анализите кои покажуваат дека низинските села пијат понездрава вода за разлика од планинските. Причината лежи во мешањето на површинските со водите за пиење кои се наоѓаат релативно плитко во земјата. |
ЛОКАЛНИ ЛИНКОВИ
Водите во Македонија: Прилеп21 Април, 2008 | Вести
Каква вода пијат велешани?22 Април, 2008 | Вести
Водите во Македонија: Св. Николе и бунарите23 Април, 2008 | Вести
Водите во Македонија: битолскиот Драгор24 Април, 2008 | Вести
Проект за кумановска река25 Април, 2008 | Вести
Состојбата на реката Црна кај Кавадарци29 Април, 2008 | Вести
Заштита на Охридското езеро30 Април, 2008 | Вести
Езерото „Треска“- со загадена вода01 Мај, 2008 | Вести
|
|||||||||||||||||||||||||||||||
|
||||||||||||||||||||||||||||||||
|
||||||||||||||||||||||||||||||||