Skip to main contentAccess keys helpA-Z index
BBCMacedonian.com
 
Ревидирано на: 29. Април 2008 - Објавено на 07:40 GMT
 
Испрати имејл на пријател   Верзија за печатење
Состојбата на реката Црна кај Кавадарци
 
Река Црна, Кавадарци
Селаните зборуваат за исчезнати риби
Жителите од кавадаречкото село Возарци велат дека отпадните води од големиот металургиски комбинат „Фени“ ја загадуваат реката Црна која, со должина од 207 километри, и една од приотиоките на Вардар, е трета по големина во Македонија.

Наспроти нив, пред само неколку дена, министерот за животна средина на Република Македонија Џелил Бајрами му ја врачи на „Фени“ интегрираната дозвола за контрола на загадувањето.

Чистотата на Црна се проверува пет пати во годината, а последните мостри се земени во декември минатата година.

Трајче Ризов од републичкиот Завод за здравствена заштита вели дека хемиските анализи покажале трета и четврта класа, а бактериолошките прва и втора класа на водата, што говори дека истата не е штетна за рекреација.

Сеќавања

Но повозрасните жители од тиквешкото село Возарци каде реката тече ја споредуваат нејзината чистота со времето кога тие биле деца и се капеле во неа, па еве што велат:

-„Порано тука беше целото капење, не се одеше на езерото воопшто."

-„Порано беше добра реката, ама сега е загадена многу од Фени."

-„Каде, нема шанса да се бањаат децата. Тоа е црвенило, ќе добијат шуга, шуга ќе ги фати, што се`нема тука."

Возарчани ја избегнуваат Црна за рекреација, но не и за наводнување на површините посадени со земјоделски производи кои се продаваат на пазарите, што го потврдуваат и самите жители од селото:

-„Да, да, има, надолу се наводнува со моторчиња, со агрегати...се наводнува и грозје и патлиџан и пипер, кој што посадил, лук....Каква е водата што се гледа мора да има нешто штетно, тоа мора да се провери", велат жители од Возарци.

Луѓето тврдат дека откако отпадните води од „Фени индустри“ се влеваат во Црна Река, сменет е вкусот на рибите кои живеат овде, а спортскиот риболовец Трајко Колевски вели дека одредени видови риби се сосема исчезнати:

-„Имаше клен, јагула имаше, јагулата исчезна, сега има само мренка, а има понекогаш и мирис, рибата кога е во тињата, во матната вода не е вкусна".

Фени

Екологистите апелираат „Фени“ да постави филтер за прочистување на отпадните води кои се влеваат во Црна Река:

-„Има ’Фени’ филтер. Филтерот е под ’Фени’ под мостот, а дали работи, дали е исправен, не знам."

Неутрализација

Наспроти ваквите реагирања на Возарчани, Миска Костова, главен инженер во погонот водостопанство во „Фени индустри“ тврди дека тие вршат постојана неутрализација на отпадните води кои не ја загадуваат животната средина:

-„Кај отпадните води кои доаѓаат од погоните во ’Фени’, ако е потребно се врши само дел на неутрализација на водите. Квалитетот на водите ги задоволува сите параметри кои што ги бара Заводот за води на Република Македонија како на отровни, така на токсични и на микроелементи во водата", вели Костова.

Пред само неколку дена, „Фени индустри“ стана првата компанија во Македонија која доби интегрирана еколошка дозвола што е дел од системот на Европската унија за контрола на загадувањето, како и сертификат за вграден стандард ИСО 9001.

 
 
ЛОКАЛНИ ЛИНКОВИ
Каква вода пијат велешани?
22 Април, 2008 | Вести
Проект за кумановска река
25 Април, 2008 | Вести
НАЈНОВИ ВЕСТИ
 
 
Испрати имејл на пријател   Верзија за печатење
 
 
 
BBC Copyright Logo ^^ Назад на почеток
 
  Архива
 
  BBC News >> | BBC Sport >> | BBC Weather >> | BBC World Service >> | BBC Languages >>