Skip to main contentAccess keys helpA-Z index
BBCMacedonian.com
 
Ревидирано на: 24. Април 2008 - Објавено на 10:45 GMT
 
Испрати имејл на пријател   Верзија за печатење
Водите во Македонија: битолскиот Драгор
 
Битола
Драгор во Битола
Реката Драгор, која ја формираат неколку помали подпелистерски рекички, минува низ Битола и неколку други населени места а стручњаците велат дека реката не е извор на заболувања за населението.

Напротив, велат дека населението е извор за нејзините „болести".

Со висока потреба за кислород и количество нитрати и фосфати над европските стандарди, Драгор е река што е високоризична за квалитетот на водите во регионот - заклучија истражувачите на Друштвото за околина „Молика“ и студентите од холандскиот универзитет „Зиланд".

По текот низ градот, вели Ратко Савковиќ од „Молика", се таложат органските состојки во два од шесте колектори на градската канализација и непречистените отпадни води на 5 стопански субјекти.

Се' до петтиот колекторски канал, каде што целата битолска индустрија ги исфрла отпадните води.

Според редовните сезонски извештаи од Заводот за здравствена заштита, реката не е опасност за здравјето на населението.

На влезот во градот Драгор е вода од втора категорија, а на излезот од градот четврта.

Што значи тоа за живиот свет во неа?

Д-р Марика Иванова, шеф на тимот што ги испитува водите во регионот вели:

-„Сите растенија и водни животни бараат чистота на средината во која живеат. На пример пастрмка во Драгор не може да опстане во никој случај.“

Во реката треба да има поточна пастрмка, клен и кркушка- ако воопшто успеале низводно да стигнат до подпелистерието, вели Николче Мицевски од риболовното друштво „Црна Река".

Тие 3-4 пати годишно вршат порибување. Но, ако сакате со јадица да уловите риба:

-„Нема да уловите бидејќи Драгор е забранет за ловење, а надолу верувајте, нема да уловите ништо“- вели тој.

Сите овие промени ги очекуваат од локалните политичари, кои пак, ги знаат препораките за изградба на најмалку две пречистителни станици и други механизми за создавање здрава водна средина.

Михајло Џолонга е претседател на општинската комисија за животна средина:

-„Има проекти за пречистителни станици на тоа место, по долниот тек на реката, кај 5 канал. Проблемот се парите“-вели тој.

Златко Ќурчиевски, член од опозицијата во градот:

-„Проблем е немањето јасна слика на приоритети. Оваа локална самоуправа се’ уште го нема изработено ни проектот со кој би можело да се аплицира до предпристапните европски фондови или други донации.“

Ако количеството кислород, нитрати, фосфати и, видовите растенија со кркушките што ги има во Драгор се микро-показатели јасни само за природонаучниците, има нешто што е видливо за сите други.

Јулијана Иванова, која е овластен инспектор за животна средина, зборува за тоа:

-„Со текот на времето се создаваат т.н. диви депонии кои започнуваат со градежен шут, потоа околу тој градежен шут се фрлаат пластични шишиња и секаков отпад.“

Иако легислативата предвидува високи казни, ретки се познатите, значи и казнети сторители.

Од почетокот на т.н, индустриски дел на градот редовното чистење на речното корито што го прават општинарите не е доволно.

Освен тули и урнати ѕидови од сите одаи на една куќа, Драгор „поседува" бројна колекција на пластични шишиња, облека и делови од покуќнина.

Повторната дозвола за откуп на железо во државата, го „спаси" од шпорети и автомобилски школки. Ако некој и улови риба, таа ќе изгледа чудно.

 
 
ЛОКАЛНИ ЛИНКОВИ
Каква вода пијат велешани?
22 Април, 2008 | Вести
Проект за кумановска река
25 Април, 2008 | Вести
НАЈНОВИ ВЕСТИ
 
 
Испрати имејл на пријател   Верзија за печатење
 
 
 
BBC Copyright Logo ^^ Назад на почеток
 
  Архива
 
  BBC News >> | BBC Sport >> | BBC Weather >> | BBC World Service >> | BBC Languages >>