Skip to main contentAccess keys helpA-Z index
BBCMacedonian.com
 
Ревидирано на: 23. Април 2008 - Објавено на 07:28 GMT
 
Испрати имејл на пријател   Верзија за печатење
Водите во Македонија: Св. Николе и бунарите
 
Цистерната снабдува вода во Свети Николе
Во Свети Николе веќе пет години околу 13 илјади жители на градот се снабдуват дневно со една цистерна вода за пиење која доаѓа од соседниот Штип. Граѓаните бараат проблемот да се реши трајно.

Со ископ на бунари кои беа финансирани од Владата на Македонија и од европската програма КАРДС се очекува алтернативно да се реши проблемот се’ до вклучувањето во хидросистемот Злетовица.

76-годишната Продана Зафирова од Свети Николе ја дели судбината со останатите сограѓани, каде два до три пати неделно полни вода за пиење од единствената цистерна:

-„По цел ден излегувам на улица да видам дали е дојдена цистерната и ги викам соседите или пак тие ме викаат. Бидејќи сум слободна полнам за цела фамилија дома.“

Опасна вода

Водата од градскиот водовод е од последна, петта класа на загаденост, која е ризична да се користи дури и за миење, бидејќи содржи опасни хемиски материи меѓу кои и канцерогени трихлорметани.

Според податоците од Здравниот дом во Свети Николе, во последните години во рапиден пораст се канцерогените заболувања, вели директорот на домот д-р Благој Панев:

-„Општината Свети Николе според бројот на заболени од карцином на дојка е на прво место во Републиката. Во рапиден пораст се и останатите малигноми пред се’ на органите за варење и за дишење."

За прв пат во државата еден град ќе се снабдува со квалитетна вода за пиење со длабоки бунари до 150 метри длабочина.

Пробно, новиот водовод за Свети Николе ќе беше пуштен овој март, но ни претстои уште работа, вели Слободан Даневски, градоначалник на општина Свети Николе:

-„На магистралните водоводни цевки, бидејќи се азбестни, ќе се изврши замена и да се стави ПВЦ, каде ризикот ќе се намали за било какви опасности по здравјето."

Потенцијал

Сите останати општини се снабдуваат со вода за пиење од хидро-акумулациите или од плитки подземни бунари кои се подложни на надворешни хемиски и органски загадувања.

Македонија има потенцијал за длабоки квалитетни подземни води, но многу малку се истражува, вели доктор Орце Спасовски професор на Факултетот за Рударство, геологија и политехника:

-„Република Македонија се’ уште нема изградено катастар на подземни води. Свети Николе е една од првите општини која што сигурно ќе го реши проблемот со длабински подземни води и квалитетни води за пиење и по примерот на Свети Николе веројатно мора да тргнат и многу други општини. Проблемот со вода веќе настанува сериозен проблем и идната војна ја нарекуваат војна за води."

 
 
ЛОКАЛНИ ЛИНКОВИ
Каква вода пијат велешани?
22 Април, 2008 | Вести
Проект за кумановска река
25 Април, 2008 | Вести
НАЈНОВИ ВЕСТИ
 
 
Испрати имејл на пријател   Верзија за печатење
 
 
 
BBC Copyright Logo ^^ Назад на почеток
 
  Архива
 
  BBC News >> | BBC Sport >> | BBC Weather >> | BBC World Service >> | BBC Languages >>