Skip to main contentAccess keys helpA-Z index
BBCMacedonian.com
 
Ревидирано на: 22. Април 2008 - Објавено на 07:53 GMT
 
Испрати имејл на пријател   Верзија за печатење
Каква вода пијат велешани?
 
Центарот на Велес
И покрај тоа што водата од градскиот водовод во Велес е хемиски и бактериолошки исправна за пиење, во летниот период има непријатен мирис, па голем број граѓани користат алтернативни извори.

Водата во вештачкото езеро „Младост" има задоволителен квалитет, но не и реката Вардар, која и покрај забраната се користи за наводнување.

На една од повеќето пумпи за вода во Велес, неколку граѓани полнат вода за пиење. Зошто не пијат од водата од градскиот водовод?

-„Порано водата од водоводот навистина не беше добра, многу мирисаше. Сега не сум забележал, меѓутоа луѓето се навикнаа на оваа вода и редовно доаѓаат и си полнат, со туби, со шишиња" - вели еден велешанец.

-„Пијам од оваа вода десетина години. И моите деца пијат. Ја испитуваа и рекоа дека не била исправна, но досега не се појавило ништо" - додава друга граѓанка.

Град Велес со вода за пиење се снабдува од хидросистемот 'Лисиче', кој почна да се гради пред две децении и се’ уште целосно не е завршен.

Лете - комбинирано

Во летниот период има недостиг на вода па Јавното комунално претпријатие 'Дервен' ги вклучува рени-бунарите покрај Вардар.

Во овој период водата од градскиот водовод има непријатен мирис и вкус вели д-р Ненад Коциќ, претседател на еколошкото друштво „Вила Зора“:

-„Голем број велешани не пијат вода од чешма, туку ги користат природните извори кои не се испитани, па во летниот период се јавуват многу инфекции."

Билјана Шуркова - Манаскова, помлад соработник за животна средина во општина Велес, вели дека водата од градскиот водовод е хемиски и бактериолошки исправна, меѓутоа водата во селските водоводи не е здрава за пиење:

-„Овие водоводи не се хлорираат и се бактериолошки неисправни за пиење, а сепак луѓето од населените места масовно ги користат. В иднина, ние како општина треба засилено да работиме на разрешување на оваа проблематика и воспоставување на редовно хлорирање."

Вардар - најзагаден

Заводот за здравствена заштита во Велес континуирано го следи и квалитетот на површинските води.

Најзагадена е реката Вардар вели д-р Вера Ристова, специјалист по хигиена:

-„И покрај тоа што сите земјоделци знаат дека водите на Вардар се постојано бактериолошки контаминирани, ги користат за наводнување на бавчи и ниви."

Реките Тополка и Бабуна во горните текови се чисти, но во долните текови се загадени од индустриските капацитети во околината на Велес.

Анализите на Заводот за здраствена заштита покажуваат дека квалитетот на водата во вештачкото езеро „Младост“ е од прв и од втор степен и водата од езерото може да се користи за наводнување, спорт и рекреација.

 
 
ЛОКАЛНИ ЛИНКОВИ
Проект за кумановска река
25 Април, 2008 | Вести
НАЈНОВИ ВЕСТИ
 
 
Испрати имејл на пријател   Верзија за печатење
 
 
 
BBC Copyright Logo ^^ Назад на почеток
 
  Архива
 
  BBC News >> | BBC Sport >> | BBC Weather >> | BBC World Service >> | BBC Languages >>