Skip to main contentAccess keys helpA-Z index
BBCMacedonian.com
 
Ревидирано на: 21. Април 2008 - Објавено на 15:57 GMT
 
Испрати имејл на пријател   Верзија за печатење
Водите во Македонија: Прилеп
 
Реката во Прилеп е сведена на бразда
Оревоечка река нема многу вода, но сепак велат дека го дели Прилеп на два дела. Долга е 20-тина километри и се влева во Црна Река. Но, нејзините води одамна се бактериолошки загадени и неупотребливи.

Затоа се поставува прашањето колку незагадена може да биде храната што се произведува околу неа.

Фекалната и атмосферската канализација од градот без никаков третман со децении наназад се влеваат во водите на Оревоечка река.

-„Тоа е причината што водите од оваа река денес се екстремно загадени", потенцира Љубомир Петковски, експертот за животна средина кој врши испитувања на квалитетот на водата на Оревоечка река.

-„Прилепска река спаѓа во класата 5, екстремно е загадена и хипертрофна средина. Секое наводнување од реката е непожелно, а во врска со човековото здравјето реката е потенцијална опасност за разни заразни болести."

Блиска канализација

Граѓаните од урбанизираната градска населбата „Димо Наредникот" велат дека иако имаат платено за изградба на канализациска мрежа, нивните фекалии се’ уште се влеваат директно во водите на реката која тече само неколку метри од пред нивните куќи.

-„Канализација за в река има и нагоре како ќе одите се гледаат цевките в река што одат. Смрди, ѓубре се фрла. Се’ в река оди!"

-„Од клозетиве, тоа сето течи тука. Сето гнаса, овде мириса. Права депонија е! Јас сум овде 40 - години, години овде така е!"

-„Животов покрај рекава овде е многу тежок. Тука играат деца кои се изложени на заразни болести и владее прилично голема нечистотија. Водата не е воопшто чиста. Цевките се од фекална вода кои од куќиве директно одат во водата. Апсолутно водат не смееме да ја употребуваме за ништо, а слушаме дека излезот каде што е таму долу, ја употребувале за вадење на земјоделски производи."

Во селата каде што поминува реката земјоделците не сакаат многу да говорат од каде користат вода за наводнување.

-„Не ,не, не! Ние не користиме вода од градската река туку од нашите сопствени бунари затоа што знаме дека реката е загаденa."

-„Вода користиме најчиста од бунари, подземни!“

Фондови

Со цел прилепскиот регион да остане еко чист во подготовка е проект за изградба на пречистителна станица за третман на отпадните води, чија изградба би требало да започне 2010 година.

Црна река

-„Проектот би чини над 10 милиони евра, а поголемиот дел од средствата се предвидени да бидат обезбедени од претпристапните европски фондови", вели Методија Томески, директор на водовод и канализација.

-„Прилеп ќе биде првиот град кој ќе добие готов проект за фондовите на Европската Унија за пречистителна станица за отпадни води. Добар дел од проблемите што сега ги имавме ќе бидат отстранети, а регионот ќе добие почиста река."

Според европски стандарди за води, секое населено место над 10 илјади жители треба да има станица за третман на отпадните води.

Мал број од македонските градови тоа го имаат, но Македонија се обврза пред ЕУ, во наредните 15 години да изгради системи за преработка на отпадните води во сите населени места.

 
 
ЛОКАЛНИ ЛИНКОВИ
Каква вода пијат велешани?
22 Април, 2008 | Вести
Проект за кумановска река
25 Април, 2008 | Вести
НАЈНОВИ ВЕСТИ
 
 
Испрати имејл на пријател   Верзија за печатење
 
 
 
BBC Copyright Logo ^^ Назад на почеток
 
  Архива
 
  BBC News >> | BBC Sport >> | BBC Weather >> | BBC World Service >> | BBC Languages >>