BBCMacedonian.com

20. Јули 2007 - Објавено на 16:08 GMT

Македонија под вршник

Државните службеници и јавната администрација од денеска па во наредните 14 дена работат според скратено работно време од 7 до 13 часот, а оние службеници што се изложени на сонце од 7 - 11.

Меѓутоа приватните градежни компании не ја почитуваат одредбата на владата да не се работи на сонце во период од 11 - 18 часот.

Владата може да дејствува во овои случаи зависно од договорот меѓу работодавачот и работниците, вели државниот скератр во министерството за труд Душко Миновски:

-„Ако се согласи работникот, тогаш не сме можни тоа да го санкционираме, но ако работниците се принудувани против нивната волја, тогаш тие појави мора да ги санкционираме.“

Еден од сериозните проблеми кои се закануваат е делови од Скопје да останат без вода за пиење, како последица на огромната потрошувачка на вода, која вчера достигна дури 560 литри по жител, ни’ изјави генералниот директор на „Водовод“- Игор Арнаудов.

-„Сите погони на водовод работат со полн капацитет, меѓутоа, ако продолжи ваквата потрошувачка, реално е да се очекува делови од градот да останат без вода за пиење.“

Арнаудов вели дека нема место за паника, но апелира до граѓаните на Скопје да бидат солидарни и рационално да ја користат водата за да има вода за сите.

-„Доколку сите се потрудиме навистина рационално да ја користиме водата, не би требало да се доведеме во ситуација делови од градот да останат без вода. Тоа подразбира дека полевањето на зеленилото, пуштањето на цревата, разладувањето со вода, да го оставиме за други денови, а водата да ја заштедиме за она што навистина ни’ треба, а тоа е за пиење и за одржување лична хигиена.“

Еден од проблемите со функционирањето на државата во кризната ситуација е работното време на градинките до 13 часот, бидејќи вработените во приватни фирми работат до 16 или до 17 часот.

Државата вели дека проблемот треба интерно да го решат менаџерите на градинките и родителите.