Skip to main contentAccess keys helpA-Z index
BBCMacedonian.com
 
Ревидирано на: 30. Март 2011 - Објавено на 10:41 GMT
 
Испрати имејл на пријател   Верзија за печатење
Што работевме 15 години?
 
Радио-миксета
Аудио-миксета во студио на БиБиСи

Македонската редакција на БиБиСи почна да емитува програми уште од декември 1995 што се сметаше за подготвителен период, но официјалниот почеток се случи во јануари 1996.

Тогаш за прв пат беа емитувани вести во должина од пет минути, кои одеа пет пати на ден преку мрежата од локални радио-станици во Македонија.

Со текот на годините, утринските и попладневните вести беа проширени, прво на 10 а потоа и на 15 минути.

Вестите ги користеа обилните ресурси на целиот БиБиСи, почнувајќи од централниот „деск" на Светскиот сервис во „Буш хаус“, во кој искусни новинари ги пишуваат вестите, темелени и проверени од најмалку два независни извора.

Исто така уредничката политика настојуваше што почесто да се користи и системот за споделување тонски изјави, снимани од дописници и новинари во целиот БиБиСи.

Тој даваше можност во вестите да бидат пуштани непреведени тонски парчиња од најразновидни светски политичари или обични луѓе кои мрежата дописници ги интервјуираа или снимаа.

Изјавите носеа дополнителен шарм, динамика и ја разбиваа монотонијата на „суво" читање вести, кое дотогаш го практикуваа некои постари редакции, а даваа и убава можност да се слушнат оригиналните гласови на познати личности од цел свет.

Дописниците од Македонија, со своите јавувања не го менуваа зацртаниот стил на БиБиСи и вклучуваа што повеќе изјави од нивните соговорници.

ВАКА ЗВУЧЕШЕ ЕДНА УТРИНСКА ПРОГРАМА

ВАКА ЗВУЧЕА ЕДНИ ПОПЛАДНЕВНИ ВЕСТИ

===========================================

Покрај вестите, редакцијата подготвуваше и две емисии неделно од по 15 минути. Едната се викаше „Зад насловите" а втората „Европска панорама".

Со оглед на кусата должина на самите вести, овие емисии оставаа поголем простор во нив да се разработи некоја тема која претходните денови била актуелна.

Бидејќи од почеток одеа секој понеделник попладне на Првата програма на Македонското радио, „Зад насловите" главно се фокусираа на политичките настани, обидувајќи се да направат подлабока анализа за она што беше интересно претходната седмица.

ВАКА ЗВУЧЕА „ЗАД НАСЛОВИТЕ"

===========================================

„Европска панорама", реемитувана на Втората програма на Македонското радио, беше емисија во која насоката беше кон европските настани, но покрај оние дневно-актуелните или економските, се осврнуваше и на понеобични, несекојдневни приказни, а понекогаш информираше и за настани од уметноста, науката, забавата...

ВАКА ЗВУЧЕШЕ „ЕВРОПСКА ПАНОРАМА"

===========================================

Музичката емисија започна да се емитува околу две години по почетокот на другите емисии на редакцијата на македонски. Таа беше наречена „Музички каталог" бидејќи во неа се емитуваше музика од различни жанрови.

Нејзината цел не беше да дава критички осврт на одредена музика, туку да го искористи богатството на нови изданија кои речиси секојдневно доаѓаа во фонотеката на БиБиСи, често и пред нивното официјално пуштање во продажба.

Со оглед на тоа што Лондон се смета за еден од центрите на музичката индустрија во светски рамки, многубројните нови ЦД-а, синглови или албуми беа достапни за новинарите, да ги преслушаат, препорачаат или едноставно да ги одбележат како нов чекор во развојот или почетокот на нечија музичка кариера.

Покрај нашиот, можеби донекаде лаички пристап, во емисијата соработуваа и неколкумина надворешни соработници со подлабоки познавања и интереси за одредени видови музика, и самите музичари кои работеа во Британија.

СЛУШНЕТЕ ИЗБОР ОД „МУЗИЧКИОТ КАТАЛОГ"

===========================================

Некоја година подоцна, Македонската редакција започна со уште една емисија која одеше за време на викендите а се нарекуваше „Разгледници од Британија".

Самото име кажува дека во неа имаше прилози кои се однесуваа на настаните од животот на британските острови, често околу изложби, концерти.

Во оваа, прво 20-минутна, а потоа и 30-минутна емисија беа вклучени и авторски прилози, наши и на нашите надворешни соработници.

Подоцна, составен дел од емисијата стана и изборот од „жолтите" страници на британските таблоиди а се' завршуваше со редовната песна број еден од британската музичка топ-листа.

СЛУШНЕТЕ НЕКОЛКУ „РАЗГЛЕДНИЦИ ОД БРИТАНИЈА"

===========================================

Во текот на неколку години, Македонската редакција им помагаше и на оние што сакаа да учат или да го подобрат своето знаење на англискиот јазик.

За тоа во Светскиот сервис на БиБиСи постоеше посебен оддел кој произведуваше лекции со различни содржини и различни степени на тежина за луѓе со различно познавање.

ИЗБОР ОД „АНГЛИСКИ СО БИБИСИ"

===========================================

Со доаѓањето на новиот милениум во 2000, БиБиСи се обиде да го преиспита столетието што изминуваше и да ги забележи сеќавањата на многумина луѓе кои го одбележале 20-век.

Македонската редакција имаше свој придонес во сето тоа и самата реализираше серија од пет-минутни искажувања на различни луѓе од различни сфери за нивните животни патеки и гледишта на векот што измина.

СЛУШНЕТЕ НЕКОИ ЕПИЗОДИ НА „МОЈОТ ВЕК“

 
 
НАЈНОВИ ВЕСТИ
 
 
Испрати имејл на пријател   Верзија за печатење
 
 
 
BBC © ^^ Назад на почеток
 
  Архива
 
  BBC News >> | BBC Sport >> | BBC Weather >> | BBC World Service >> | BBC Languages >>