Skip to main contentAccess keys helpA-Z index
BBCMacedonian.com
 
Ревидирано на: 29. Октомври 2008 - Објавено на 15:21 GMT
 
Испрати имејл на пријател   Верзија за печатење
Александар Станковски - уметник
 
Александар Станковски
Како уметникот Александар Станковски гледа и размислува околу 1968-та и последиците од неа денес? Со него разговараше Игор Мицевски

БиБиСи: Што ново донесе 1968?

-„Донесе своевидна либерализација во општеството. На Балканот единствено консеквентво се почувствува во поранешна Југославија, другите земји немаа шанса да манифестираат таков тип на слободоумие бидејќи комунистичката догма нив веќе ги беше ослободила од тие аспекти за кои нивните западни колеги и современици се бореа.“

БиБиСи: Како се одрази францускиот „мај 1968“ врз поранешниот југословенски општествен контекст?

-„Не знам колку силно таа се одрази, мислам дека ’рок-ен-ролот’ беше посилен на општ план. А 1968 повеќе се одрази во некои езотерични кругови на уметници и интелектуалци. Имаше неколку групации кои се формираа овде во Македонија под влијание на 68, како што беше ’Свети Никита Голтарот’ како некое студентско-театарско движење, подоцна ’Зелената гуска’...Но се’ на се’, повеќе салонски се одрази револуцијата, немаше некои посериозни демонстрации истапувања или ’клешови’ со поредокот.“

БиБиСи: Имаше повеќе форма, а помалку содржина?

-„Тоа е нешто типично за провинцијалните култури. Дури и во Белград тоа беше ’фолирање’ иако имаше баш реални добри копии на париското сценарио, на ниво на Универзитетот, судири со полицијата. Меѓутоа едноставно, јас 1968-та ја гледам како повеќе француски момент отколку како некое универзално движење. Можеби еден конгломерат на различни идеологии, некој псевдо-интелектуалистички тип на револуција, во кој им беше јасно дека не можат жестоко и терористички да удрат по режимот, поради тоа што имаа некакво искуство од претходните револуции, комунистичката, нацистичката, фашистичката кои се служеа со ’хард’ методи, и сето тоа дојде до ситуација на желба за копулација, а немоќ да се пенетрира. И тоа на крајот почна да се развива во некаков тип на универзална, псевдо-интелектуална позиција на одредени про-елитистички и квази-елитистички групации во општествата кои гравитираа кон Париз кој се’ уште имаше некаква тежина како културен центар. Тоа можеби беше последниот немоќен и по малку гротескен импулс на големата француска култура која после '68-та, едноставно отиде во историјата ’forever’ (засекогаш).“

БиБиСи: Дел од истурената линија на ’68-шите потоа имаше шанса да стане дел од естаблишментот во политичка смисла на зборот. Како преку нив се трансферираше движењето од опозиција кон воља за моќ?

Александар Станковски

-„Па тука се гледа целата квази-интелектуалност на тоа движење. Во основа тоа беше фројдистички тип на супститут: јакото и нереализирано а неконтролирано либидо почнува да врши агресија врз и онака веќе скапаните западни општествени вредносни столбови. Но тука нема решение, оти секој обид за насилство и тоа веројатно не е начин како да се преобрази или да се преобрати едно општество. Што се однесува до протагонистите кои тогаш стоеја на барикадите и изигруваа револуционери, подоцна се покажаа како обични опортунисти желни за власт, како на пример Јошка Фишер кој 1999 година кога беше бомбардирањето врз СР Југославија покажа дека е многу блиску до некои конзервативни принципи, во смисла на вољата за моќ и дека ништо не останало од неговиот идеал од '68-та. Не знам како југословенските '68-ши гледаат на минатото, веројатно романтично - но подоцна и тие покажаа, иако не така жестоко како Фишер, покажаа опортунистички тенденции. Едноставно тие фатија значајни позиции во оппштеството, некои од нив во областа на културата направија добри работи, додека други влегоа во филмот на масовна контрола.“

БиБиСи: Според ова, дали и оваа револуција се претвори во својата спротивност, ги изеде своите деца?

-„Токму така, да. Без сомнение ’68-шите се уште еден пример. Со тоа што тие имаа гумени заби. Немаше вистински коскени или челични заби, или ако сакате дијамантски заби кои го парчат и го сечат месото на најбрутален начин какви што беа претходните револуции. Оваа револуција беше револуција во кондом. Едноставно беа ставени гумени протези за да не дојде до повторна голема хаварија во Европа.“

БиБиСи: Некои велат дека по ’68-та, естетиката која што се создаде имаше доста плодни специфики?

-„Во секој случај, тука ги имаме најпозитивните консеквенци. Почнувајќи од теоријата. Знаеме дека Жан-Пол Сартр беше една од централните личности во таа револуција. Значи таа вибрација и тоа влијание вроди со еден полемички дух во веќе догматизираната теориска средина кај нас, која беше строго ориентирана кон марксистичката идеологија. Се покренаа многу прашања на ниво на цела поранешна Југославија, па и кај нас секако пред се’ во теоријата и во уметноста дојде до едно релативно ослободување. Тоа беше еден вентил кој што режимот реши да го отвори за да не дојде до преголема фрустрација, за да не дојде на пример до чешки сценарија или слични хаварии. Во естетски поглед тоа беше почетокот на еден голем микс на вредности кој подоцна ќе вроди со постмодернистичкиот уметнички дискурс и толеранција.“

БиБиСи: Кога станува збор за Македонија, колку сето ова имаше влијание врз начинот на кој се конституираа неколку групи во „осумдесетите", па и групата „Зеро" на пример?

-„Да, да, секако. Тоа уште во почетокот на 70-тите резултираше со пофлагрантна појава на ’андерграунд’-групации на луѓе кои можат да го критикуваат системот а да бидат толерирани на некој начин. Тука секако имаше и репресеии но не беа така страшни - појавата на хипи-движењето со нивниот уметнички ’стејтмент’, со еден вид декаденција. Мислам дека тука првите вистински чекори беа направени во ликовната уметност - тоа беше генерацијата на Коџоман, Бежан, кои можеби се повеќе во хипи-филмот и ’андерграунд’ филмот отколку во '68-та.“

 
 
ЛОКАЛНИ ЛИНКОВИ
Влатко Галевски - уредник
27 Октомври, 2008 | magazine
Бранислав Саркањац - филозоф
28 Октомври, 2008 | magazine
Никола Гелевски - колумнист
29 Октомври, 2008 | magazine
НАЈНОВИ ВЕСТИ
 
 
Испрати имејл на пријател   Верзија за печатење
 
 
 
BBC © ^^ Назад на почеток
 
  Архива
 
  BBC News >> | BBC Sport >> | BBC Weather >> | BBC World Service >> | BBC Languages >>